Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска учествува на 21. Виенски Економски Форум (ВЕФ) – „Виенски дијалог за иднината 2024“ во Виена, Австрија. Како дел од овогодинешната тема, „Регионалната економија како дел од европската и глобалната економија“, Виенскиот Економски форум на едно место ги обедини лидерите од цела Европа кои разговараа за клучните економски и политички прашања што ја обликуваат иднината на регионот.

Она што денес го слушнав го зајакна мојот оптимизам за енергетската иднина на Македонија, особено во доменот на енергетската одржливост, економската конкурентност и одговорноста за животната средина, изјави Божиновска.

“Чест ми е што имав можност да ја претставувам нашата држава на 21. Виенски економски форум, каде што имав можност да бидам дел од исклучително важна дискусија за заедничката одговорност на економијата и политиката за обезбедување одржлива европска иднина. Како дел од панелот, заедно со останатите учесници имав прилика да разменам ставови како државите можат колективно да ја зајакнат економската отпорност, да ја продлабочат посветеноста на енергетската транзиција и да се справат со предизвиците што ги носат глобалните промени во енергетскиот сектор.

Една од клучните теми на кои дискутиравме беше како преку добро поставени стратегии за одржлива енергија, инвестиции во обновливи извори на енергија и одговорни практики за рударство може истовремено да се поттикне економски раст и да се обезбеди грижа за животната средина. Во таа смисла ја потенцирав важноста на вакви настани, кои се суштински за споделување добри практики и искуства. А преку поголема соработка и надградување на капацитетите дома.

За нашата држава, учеството во ваквите дискусии не е само политика, туку и одраз на нашата тековна работа и стратегија за интегрирање на обновливите извори на енергија, поддршка на економската стабилност и создавање силни партнерства. Посветени сме на развој на долгорочен стратешки пристап кој интегрира неколку сегменти – промовирање политики кои се усогласени со енергетските стандарди на ЕУ, намалување на нашата зависност од конвенционалните ресурси и прифаќање еколошки практики во нашиот енергетски и рударски сектор.

Учеството на собири како Виенскиот Економски форум ја нагласуваат важноста и улогата на нашата држава во поширок, европски контекст и исклучително големата важност на  обединетиот пристап кон овие предизвици. Она што денес го слушнав го зајакна мојот оптимизам за енергетската иднина на Македонија, особено во доменот на енергетската одржливост, економската конкурентност и одговорноста за животната средина.

Со продолжување на соработката со нашите европски и меѓународни партнери, убедена сум дека постепено, со паметни решенија и мерки, ќе ја изградиме нашата енергетска независност по европски стандарди,“ изјави Божиновска.

Министерката Божиновска учествуваше на третата сесија на форумот, насловена како “Заедничка одговорност на економијата и политиката за сигурна европска иднина“. На која се дискутираше за колективната одговорност на политичките и економските сектори за обезбедување стабилна, одржлива и просперитетна иднина за Европа.

Учеството на Министерката Сања Божиновска на Виенскиот Економски Форум е приказ на посветеноста на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини и на нашата држава кон размена на искуства со европски и светски експерти, кон партиципирање во дијалозите и придонесување кон европската агенда за одржлив раст, унапредување на енергетската ефикасност и зацврстување на регионалната стабилност.

Преку своето учество и остварените средби, министерката продолжува да работи на зајакнување на соработката со европските партнери за позелена, посигурна и поотпорна енергетска иднина во државата.

фото: Министерство за Енергетика,
рударство и Минерални суровини