Изјава за медиуми, Благој Бочварски, пратеник на СДСМ – интегрален текст:

Почитувани граѓани,

Со гордост ја споделуваме веста за завршување на експресниот пат Страцин – Крива Паланка.

Овој проект беше започнат од СДСМ во 2018 година и над 90% беше веќе реализиран до средината на 2024 година.

Станува збор за стратешки проект, стратешка инвестиција која е многу важна за развојот на североисточниот регион и значително ќе придонесе за подобрување на поврзаноста, за економскиот раст и развој, како и за квалитетот на живот на граѓаните на Крива Паланка и околината.

Да не беа блокадите на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ овој пат можеше многу порано да се заврши во текот на 2024 година.

За жал и само за свои политички цели пратениците од тогаш опозициската ДПМНЕ го кочеа овој проект како опозиција. Тогаш во Комисијата за финансирање и буџет ВМРО- ДПМНЕ со месеци го кочеше Предлог на законот за грант вреден 14 милиони евра кој беше потребен за завршување на овој експресен пат.

Но, како и да е, денес зборуваме за завршен патен правец и граѓаните од утре ќе може да ги почувствуваат придобивките за стратешките проекти започнати во време на владата на СДСМ.

Во рамки на проектот беше изградбата на двете делници:

-Делница Длобочица – Чатал (Страцин) со должина од 15,5 километри и

– Делницата од Крива Паланка до Длобочица, со должина од 10 км.

Или вкупната должина на експресниот пат е 25,5 километри.

Целиот проект е вреден 94 милиони евра, финансиран преку средства од Светска банка и грантови како дел од нашиот најзначаен Коридорот 8.

Со овој пат жителите од целиот регион ќе можат побрзо и побезбедно да патуваат меѓу Куманово и Крива Паланка, но добиваме модерно патно поврзување по една од најкомплексните делници во нашаѕта држава, во североистокот.

Стариот пат беше со многу свиоци и бавно движење на тешките товарни возила. Добиваме подобра поврзаност Скопје- Софија нешто што ќе влијае на развојот на трговијата, економијата и туризмот.

Конечно, граден по највисоки стандарди преку кој избегнуваме многу црни точки, која наликуваше на делница од 19 век а добиваме безбедност при патувањето за нашите граѓани и за сите учесници во сообраќајот.

Во северноистичниот дел на земјата СДСМ инвестираше многу, особено во делот на инфраструктурата, патиштата и развој на целиот овој регион. И тоа граѓаните од овој крај добро го знаат.

Покрај овој пат, реализирани се и други значајни инфраструктурни проекти, како реконструкцијата на патниот правец Куманово – Страцин, целосна реконструкција и проширување на патот Крива Паланка – Деве Баир, Куманово – Свети Николе како и изградба и реконструкција на мостови како и многу патни правци кон руралните средини.

На крај сакам да се заблагодарам на сите досегашни раководители на државните институции во изминатите 6 години, на сите инженери, вредните градежни работници кои работеа во поволни, но и неповолни временски услови, на сите надзорни инженери и проектанти, без кои денеска немаше да можеме да зборуваме за оваа голема придобивка за граѓаните, но и за подигнување на безбедноста но и конкурентноста на македонската патна инфраструктура.