Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, денеска имаше свое обраќање на меѓународната конференција „AI for Society & Smart Governance“, во организација на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, каде што истакна дека вештачката интелигенција, освен што е технолошка тема, претставува и прашање на политики, институционален капацитет и одговорност кон граѓаните.

„Во обраќањето нагласив дека клучното прашање не е дали ќе ја користиме, туку како ќе ја користиме. За да има реална примена во јавниот сектор, потребни се јасна рамка, квалитетни податоци и инфраструктура со конкретна имплементација, не само стратегии на хартија“, изјави министерот Андоновски.

Тој посочи дека Министерството за дигитална трансформација работи на конкретни чекори за системско воведување на AI во јавниот сектор и креирање основа за одговорна и применлива дигитална трансформација.

„Ги потенцирав и конкретните чекори што ги преземаме, а тоа е Националната ИКТ стратегија 2025–2030, подготовката на Националната стратегија за вештачка интелигенција во координација со академијата и институциите, интеграцијата на AI асистент на data.gov.mk, како и иницијативата за Центарот за вештачка интелигенција „Везилка“ за развој на домашни GPU капацитети и модели на македонски јазик“, истакна Андоновски.

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, на одговор на новинарско прашање во насока на Правилникот на АВМУ за инфлуенсери истакна дека ги разбира нивните барања и истакна дека можни се промени по барање на Здружението на инфлуенсери.

„Постои правилник донесен врз основа на измените на законот од 2023 година, кој стапи на сила пред некој месец со којшто се бара задолжителна регистрација на инфлуенсерите. Ги слушнав и коментарите на новото Здружение на инфлуенсери, и мислам дека вреди да се дискутира за овие прашања. Да најавам дека можни се и промени, затоа што не сметаме дека треба ригидно да бараме од креаторите на содржини да се однесуваат исто како и платформите за споделување на тие содржини, односно да бараме толку високи критериуми, од страна на физички лица којшто повремено или постојано се занимаваат со оваа работа’’, појасни Андоновски.

„Јас ги споредувам со колумнисти. Ако не бараме високи критериуми за регистрација и еден ригиден пристап кон креаторите на содржина во традиционалните медиуми, не гледам зошто би требало да имале и толку ригиден пристап кон оваа група на луѓе’’.

Министерот Андовски истакна и дека неформалниот водич кој беше донесен создал дополнителни недоразбирања.

„Беше донесен и еден неформален документ наречен водич, кој донесе дополнителна забуна затоа што станува збор за неформален документ којшто нема правна важност, а се сфати или се презентираше дека е задолжителен за употреба за оваа група на креатори на јавното мислење. Тоа создаде дополнително недоразбирање помеѓу едната и другата страна.”

Андоновски најави средба со Здружението на инфлуенсери за следната недела, на која ќе се дискутираат сите отворени прашања.