Познавачите на политичките случувања во земјава оценуваат дека сите прогресивни сили треба да се обединат околу „Фронтот за Европа“ на двојните – парламентарни и претседателски избори што ќе се одржуват 2024 година што се договорени со широк политички консензус.

– Партиите на Албанците пред сè тие од опозицискиот блок штом се деклалираат за ЕУ и подржуваат уставни измени да ги внесат Бугарите во Уставот, ако се искрени треба да се приклучат во „Фронтот за Европа“ на СДСМ и ДУИ а не да кокетираат со ретроградните сили од македонската опозиција. Алијансата на Таравари не треба ни да размислува да уценува. Тие се во власта и местото им е во „Фронтот за Европа“. Не е време за калкулирање и игри да не им паднел рејтингот, изјави новинарот Ацо Кабранов за „Фронтлајн“.

Политичкиот аналитичар Дритон Зенку вели „свесни сме дека кај нас завладеа трендот и тенденцијата за влијание од официјална Москва и овој факт не треба да се игнорира“.

Оттука, додава тој, од ден на ден се кристализира делувањето на проевропските партии, кои, според него, треба да се насочат во оваа насока.

– Да се спречи со демократски средства можноста политичките деструктивни сили против ЕУ, НАТО и САД да дојдат на власт, е повеќе од мисија. Неопходно е политичките партии на власт, но и другите, да се приклучат на проевропскиот блок, вклучувајќи ги опозициските партии на Албанците, Алтенратива, Беса и Демократско движење. Новите албански партии Движењето Попули и ДПЕ на Аријанит Хоџа ја разбраа оваа намера и одат кон соработка со Европскиот фронт. Од витално значење за иднината на земјата е евроинтегративниот процес на земјата да не биде оштетен или одложен, со што би се спречило проширувањето на руското влијание во Северна Македонија. Ова треба да има приоритет пред кој било друг конјуктурен интерес, вели Зенку во изјава за „Фронтлајн“.

Владеачката СДСМ веќе иницира формирање Европски фронт во којшто ги повикува да се приклучат сите политички субјекти, невладини организации, граѓански здруженија, активисти, граѓани, сите кои го поддржуваат европскиот пат и иднината на земјата ја гледаат како полноправна членка на ЕУ.

– Заедно да ја оствариме стратешката цел: членство во ЕУ до 2030 година. Европски фронт за посилен економски напредок, поголеми плати и пензии, врвна демократија, социјална правда и европски животен стандард со европски вредности. Пред нашата држава и пред сите граѓани е историска шанса за продолжување на европскиот пат и полноправно членство во ЕУ со заштитен македонски јазик и идентитет. СДСМ е подготвена во името на врвните државни и национални интереси и оди на двојна победа на претседателските и на парламентарните избори наредната 2024 година. Заедно со Европскиот фронт да ја внесе земјата во ЕУ, велат од СДСМ.

Од друга страна и Демократската унија за интеграција оваа недела истакнуваат дека започнале серија состаноци на Претседателството на кои ќе се разговара за сите опции.

Во Мала Речица, како што дознава, „Фронтлајн“ викендов треба да биде појасно дали ДУИ ќе учествува на парламентарните избори со заеднички листи со СДСМ и коалицијата, како што премиерот Димитар Ковачевски по лидерската средба ги повика владините партнери, невладините и граѓанските здруженија да се приклучат на Европскиот фронт.

Од партиски извори во ДУИ – „Фронтлајн“ дознава дека сите опции се отворени и за парламентарни и за претседателски избори и дека партијата сè уште нема донесено одлуки.

Дестан Јонузи

Извор: Frontline.mk