Пишува: НЕНАД ЈОВАНОВИЌ

Ако живееш на Марс или евентуално си паднал од Марс, и ако, само за момент, ги отвориш нашите „маќедонски“ таблоиди, весничиња и телевизии, популарно наречени „јавни сервиси за информирање“, ќе приметиш дека јавната сцена, онаа политичка, на прв поглед, е страшно динамична.

Но, немојте да му замерувате. Човекот е паднат од Марс. Во суштина, македонската политика – во најдобра варијанта – претставува океан од досадата, одолговлекување, „мрсомудење“ и пукање на дозлабога досадни мантри. На пример, ако ни речат „од горе“: мора да се борите со корупција, ние на тоа велиме: даааа, корупцијата е рак рана на општеството, го јаде системот, „најдобрите синови и ќерки од оваа држава си одат затоа што корупцијата“… и ја знаете веќе таа мантра како натаму оди.

Имаме ние, фала му на бога, јавни личности кои се „најголеми борци против корупција“, ама во суштина, нивните јавни беседи за „борба против корупција“ ги прават од чисто комерцијални причини. Дури би се рекол, борбата против корупцијата ја пренесуваат од колено-на-колено.

Славољубието, среброљубието и останатите бескарактерности на нашиот човек се прастара дисциплина. Ама не се кривични ниту казнени дела. Еве ви пример. Колку луѓе го обожаваа Груевски? Минимум половина милион Македонци, а останатите или го премолчуваа или чекаа да бидат ставени во негова служба. Од толкава љубов кон Груевски, а толкава љубов оди преку масовна корупција од горе кон долу, ВМРО-ДПМНЕ требаше да отиде не во опозиција, туку требаше да се расформира и замине во ропотарницата на историјата. Е, гледате, тоа не се случи, а не верувам дека некогаш тоа и ќе се случи.

После сите свинштини кои ги направи, ВМРО-ДПМНЕ сè уште делува живо со голем број на поддржувачи. Тие поддржувачи немој да мислите дека се грозат од корупција, или се грижат за здравјтео на нацијата, за нејзината моралност… Јок, море! Тоа членство или маса од голем број на луѓе – за борбата против корупција ги заболе Црвениот бан. Тие сакаат власт, а законот е наменет за опозицијата.

И тоа е цела приказна за „борбата со корупција“. За моралноста на народите и останати трици и шлајшупки.

Во земја која е мала, земја која има едвај еден милион и осумстотини илјада жители, во земја која огромен број на луѓе се роднини, премрежени, земја во која луѓето утрата ги почнуваат со „добро јутро чаршијо на све четири стране“, земја во која трансакција на месечна плата не можеш да направиш а цел град да не те дознае, вие мене ми беседите за „борба против корупција“?

Друг, најрецентен пример последниве денови се бомбите по училиштата, тие лажни дојави кои го напаѓаат и суверенитетот на државата, оти, нели, се поставуваат низ основни училишта, институции, а најново е дека денес под закана од бомба е и комплексот од „цивилни“ згради во Скопје наречен „Џевахир“. Што значи, како е возможно да се поставуваат бомби – лажни дојави – ако државата го брани суверенитетот на граѓаните на целата нејзина територија?

Нема во оваа земја никаква политичка динамика, нема ниту лојална конкуренција и конструктивна политичка напетост. Во оваа земја или е некое мртвило или некоја револуција, преврат, во секој случај некој тежок „пичвајз“. Ништо чудно за држава која влече напред, а опозиција која влече кон status quo, која после декади стана повторно (благодарение на оваа Влада и благодарение на претходната на Заев) меѓународен субјект откако се избори со разните удбашко-денунцијантски инсталации од претходниот режим. А можеби се избори само половично, а велам дека се избори половично затоа што ми се поставува прашање: кој е нарачател и инспиратор на оваа хистерија од бомби која зема се поголем замав во земјата? И дали државата има суверенитет на цела територија или на некои делови нема?

извор: Frontline.mk