Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, денеска имаше поздравен говор на 19-тата Годишна конференција на МАСИТ, настан што оваа година го одбележа и 20-годишниот јубилеј од основањето на Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии. Во својот говор, министерот Андоновски го истакна значењето на партнерството меѓу Владата и ИКТ секторот.

„Формирањето на Министерството за дигитална трансформација претставуваше многу повеќе од административна одлука на оваа Влада – тоа беше јасен сигнал за определбата на Владата да ја постави дигитализацијата како еден од своите стратешки приоритети“.
Претставувајќи ги конкретните чекори што ги презема Министерството во насока на развојот на македонската ИКТ индустрија, министерот Андоновски потенцираше: „Оваа Влада е длабоко посветена на развојот на економијата базирана на знаење и иновации, каде што ИКТ секторот има клучна улога. Информатичките технологии и компании се столб на нашиот економски развој и модернизација. Нивниот придонес во БДП, извозот на услуги и создавањето на високоплатени работни места е од суштинско значење за нашата економија“.

Министерот најави и серија конкретни мерки за унапредување на дигиталните вештини, информираше за текот на процесот на изработка на двата клучни стратешки документи, односно Националните стратеги за сајбер безбедност и информатичко – комуникациски технологии, како и за сите останати активности во рамките на надлежностите на министерството.
„МАСИТ, како Стопанска комора за информатички и комуникациски технологии, веќе две децении е витален партнер во развојот на македонската ИКТ индустрија. На македонскиот ИКТ сектор му требаше силен институционален партнер, и денес, преку Министерството за дигитална трансформација, конечно го има“, нагласи Андоновски.

Министерот ја истакна и важноста на вештачката интелигенција, посочувајќи дека темите “Вештачка интелигенција наспроти работната сила – преку адаптација до иновација” и “Практична примена на вештачката интелигенција во медицина, фармација и стоматологија” се од суштинско значење за нашата дигитална иднина, но и иднината на македонската економија и општеството воопшто.
Тој посочи дека Министерството работи на креирање системски решенија за поддршка на компаниите во развојот и имплементацијата на решенија со помош на ВИ. „Иако предизвиците на патот се значителни, нашата решителност е поголема. Преку партнерство со МАСИТ и целиот ИКТ сектор, ја градиме дигиталната иднина на Македонија“, заклучи министерот Андоновски