СДСМ денеска во јавноста соопшти случај каде жена од Велес добила кривична пријава затоа што пријавила неважечки ТОЕФЛ сертификат од ТОЕФЛ центар во Пловдив Бугарија.

„На 25 ти април оваа година, МВР до ОЈО Велес поднела кривична пријава против 44 годишна жителка на Велес поради, како што тогаш соопштиле, постоење на основано сомнение за сторено кривично дело „Употреба на исправа со невистинита содржина“.

Кривичната пријава била поднесена за прекршување на член 380 од Кривичниот законик. Еден ден подоцна, на 26 ти април за оваа кривична пријава се пофалил на неговиот Фејсбук профил и министерот Панче Тошковски со објава во којашто изнесува детали за пријавата.

„Пријавената прибавила меѓународно признаен сертификат (TOEFL IBT) за познавање на англиски јазик со нејзино име, издадена од училиште за јазици од Пловдив, Р. Бугарија.

Иако знаела дека исправата е со невистинита содржина, М.В. ја употребила како доказ дека поседува меѓународно признаен сертификат при нејзиното аплицирање на Јавен оглас за избор на директор на детската градинка, по што и била именувана на функцијата“ соопшти портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.

Таа, го повика министерот Тошковски на ист начин да постапи и против новоименуваниот директор на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски, кој приложил сертификат од истиот ТОЕФЛ центар во Пловдив, Бугарија.

„ Христовски исто така приложил сертификат за TOEFL од истото место, Пловдив Бугарија, а во Пловдив воопшто нема испитен центар за TOEFL. И македонски и бугарски медиуми го потврдија ова. Значи Христовски нема меѓународно признаен сертификат за познавање англиски јазик туку се користел со фалсификуван документ. Тоа претставува прекршување на Законот и кривично дело кое повлекува одговорност.

Функционерите на ВМРО-ДПМНЕ не се заштитени мечки и одговорност мора да има. Бараме Тошковски по овој пример од Велес да поднесе кривична пријава против Христовски за кривично дело „Употреба на исправа со невистинита содржина“, согласно член 380 од Кривичниот законик.

Доколку тоа не го направат Тошковски и МВР, СДСМ ќе поднесе Кривична пријава против Христовски. Очекуваме и Јавното обвинителство да отвори постапка соодветно на своите надлежности, да спроведе транспарентна исрарага која точно и непристрасно ќе утврди одговорност за скандалот“ изјави денеска Кузеска.