Ајде за момент да излеземе од нашиот врапчешки „слободен“ простор и се упатиме преку океанот, директно во САД. Тамо, како што веќе знаете, капањата за претседател е пред самиот крај. Останаа уште осум дена, а тешките зборови не престануваат.
Франшизата (да употребам англосаксонски термин?) на Трамп/Венс е – „Да ја направиме Америка повторно голема“; на другата страна, Харис/Волц ја имаат препознатливата силуета на мачка – заштитниот знак на демократите.
Политичката сцена во Америка, барем од оние портали кои ги читам (а читам доста работи од двата табора), потсетува на бојно поле, а многу луѓе се плашат – ама за тоа безволно зборуваат – меѓусебните обвинувања, навреди, закани и посегнување по оружје не се крај на она што би можело да се види пред новите станари да се вселат во Белата куќа.
Тука, се разбира, мора малку да нијансираме. Приврзаниците – типично за сите десничарски струи (или политички кретени?) – на Трамп се многу поагресивни од јазикот на Камала Харис и следбениците на демократите.
Се’ тоа заедно, претставува една многу мачна атмосфера пред самите избори, на кои, гласањето и изјаснувањето на американските граѓани почнува на 5-ти ноември.
Трамп е во суштина sвезда на ријалити програм, тој не е никаков политичар. Целата негова политичка кампања е „реалити“. Својот политички имиџ го изгради на спонтаност во комуникацијата, а пред некој ден, во затворен Мек’ Доналдс ги послужуваше американските граѓани со „биг мекови“, што јасно ни говори за неговиот популистички стил. А од друга страна, со таквиот гест, и’ се ругаше на Камала Харис, така што велеше дека лаже дека некогаш воопшто работела во сендвичара, што претставува ноторна лага.
Камала Харис навистина работела во сендвичара, ама не кога успеала во животот, ами тогаш додека се школувала и сама се издржувала. Работела и се школувала, додека Трамп во животот нема сменето гума на својот автомобил, а сето богатство кое го има е наследство на неговиот покоен татко.
Без разлика колку американците ни се претставуваат за големи „патриоти“, Трамп Камала ја нарекува „левичарски лунатик“, „злобна“, „приглупа“ и „лажлива“ личност, типично за сиот оној хетеро-нормативен свет, одвратен патријархат во кој доминира белата супремација, па уште и’ вели дека „светските лидери и се подсмевале на Камала“, или дека се работи за „несериозен човек“ чие враќање во Белата куќа ќе има крајно сериозни последици.
Од друга страна, Камала Харис многу добро аргументира зошто Трамп планира Америка да ја затвори, потенцирајќи дека тој го спречил усвојувањето на двопартискиот закон во Конгресот, јасно укажувајќи дека тоа е човек што знае да прави само проблеми, а не и’ да ги решава.
И без разлика што eмигрантите се голем проблем за Американците, големите трошоци за живот претставуваат една од најголемите предизвици за двете политички партии. Чисто да ви дадам неколку примери од секојдневието.
Месечна рента за стан во Њујорк изнесува 4.000 долари, додека паркинг за автомобил изнесува 600 долари месечно. Во „просечни“ продавници за прехрана, една кеса со грозје изнесува 14 долари (не знам практично кај нив како изгледа „кеса со грозје“ и колку килограми е тоа), додека „Кефир“ шишенце (она што кај нас се нарекува лајт-јогурт) изнесува 6.19 долари. Филе-лосос во продажба чини 17.99 долари, 3.19 долари малечок бургер и 7.99 долари чини фета сирење. Плус, дополнителни 9% донок на секој купен производ кој оди директно за градот Њујорк, како што се плаќа 2.9 долари секој пат кога се влегува во метро, додека пак за автобусите кои не застануваат на секоја станица, се двојно поскапи.
Најновото истражување на јавното мислење на Си-Ен-Ен го покажува она кое сите го знаат: 41% од гласачите велат дека економијата им е најважна.
E, сега, што се ова нам ни кажува, ние кои не сме американци и кои живееме во овие наши и мали локални „врапчешки простори“? Па, ни кажува многу, ако умееме да читаме.
Основните прашања за животот и политиката стануваат основни прашања на целата планета земја, што значи дека светот (па така и една Америка) е „балканизирана“. Не цветаат ружи ниту за американците, или можеби предолго време ние овдешните сме живееле во илузија.
Сакам да кажам, Трамп е опасна политичка фигура, и не мислам во некоја добра смисла, ами во лоша. Како што се лоши и дезориентирани овие наши денешни властодржци кои разгаќено ни се шетаат во нашата влада и живеаат на наш трошок.
Како што тие мислат дека тамо век ќе векуваат, така мисли и Трамп дека век ќе векува во Белата куќа. Имавме ние многу живописен (и рустикален?) пример со Груевски – немаше мирен трансфер на моќта, како што немаше мирен трансфер на моќта кога Бајден ја презеде Белата куќа. Верувам дека сите се сеќавате на насилството во Капитол, како што верувам дека се сеќавате на насилството во македонското Собрание?
Се’ е како на филмска лента. Судбината на Американците, барем во еден момент, изгледаше и како нашата политичка судбина. Со една важна разлика: ние не смеевме да си дозволиме резигнација и пасивизација, како што си ја дозволивме, а денес, ете, дури и Демократите на Харис инсистираат на излезност и гласање.
Ние, пак, нашата шанса ја пропуштивме, и сакам да верувам дека нема да ја пропуштат таа шанса и Американците. Сакам да верувам дека, сепак, Камала ќе победи, затоа што сакам да верувам дека за овој свет шанса има, која, сепак, може да се прокоцка уште на 5-ти ноевмри ако луѓето масовно не излезат на гласање.
Оти знам, целта на Трамп не е да биде претседател на Америка, целта на Трамп е секој претседател на светот да биде Трамп. Целта на Трамп е сите диктатори и тирани на светот да го добијат својот брат Трамп.
Оти откако ќе го изгласате, тој и таков Трамп, не можете потоа да речете, „знаете, ме боли увото, што имам јас од тоа“? Ќе имаш пријателе, како што имаш денес и тоа што го имаш овде, па уште и’ се чудиш од каде вакво нешто за кое, нели, вие не сте гласале за ова…
Гласавте за ова. О-хо-хоо, гласавте баш за ова.
Пишува: Ненад Јовановиќ
Текстот е личен став на Авторот.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот кој е одговорен за неа, и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на Centar.mk.