Денес присуствувам на овој настан со чувство на одговорност, но и посветеност, затоа што безбедноста и здравјето при работа е тема која не е само дел од нашите професионални обврски, туку нешто многу поголемо. Тоа е прашање на човечност, на грижа за секој поединец и на заштита на она што е најдрагоцено – животот, кажа министерот за економија и труд Бесар Дурмиши на денешното обраќање на настанот по повод Европската недела на безбедност и здравје при работа, кој се одржа во организација на Министерството за економија и труд во соработка со Советот за безбедност и здравје при работа и во партнерство со Канцеларијата на Фондацијата „Фридрих Еберт“
„Во време на дигитализација, кога технологијата секојдневно ги менува нашите работни места, воодушевени сме од сите придобивки што таа ги носи – од поедноставување на процесите, до зголемување на ефикасноста. Таа ни овозможува да избегнеме многу физички ризици, да ги автоматизираме ризичните задачи и да ја зголемиме продуктивноста. Но, технологијата не е одговор на сè. Дигитализацијата носи нови предизвици кои не се толку видливи, но се подеднакво важни – менталниот товар на работниците, стресот од постојаното присуство во дигиталниот свет, оддалеченоста од традиционалната работна средина и притисокот да се биде постојано достапен“ кажа министерот Дурмиши.
Министерот потенцираше дека Министерството за економија и труд е посветено на развивање на регулативи кои ќе одговараат на новите предизвици што ги носи дигитализацијата. Работиме на создавање на законска рамка која ќе ги земе предвид и физичките и психо-социјалните аспекти на работата во современиот свет. Клучно е да работиме на усогласување на новите технологии со политиките за безбедност и здравје. Дигиталните алатки можат да ни помогнат во следењето на здравствените ризици, но не смееме да создадеме средина која е нездрава или стресна за работниците. Менталното здравје е подеднакво важно како и физичката безбедност на работниците.
„Како министер, но и како човек, верувам дека нашиот прв приоритет треба да бидат луѓето, затоа што и во сржта на секоја промена, на секој технолошки развој, стојат луѓето. Мораме да бидеме свесни за тоа како технолошките промени влијаат на физичкото и менталното здравје на работниците. Законот и регулативите се важни, но поважно е, како општество, да изградиме нов образец на работно место – каде технологијата ќе служи за да ги подобри условите, но не и да го игнорира човечкото достоинство“ кажа Дурмиши и додаде дека безбедноста и здравјето при работа не е одговорност само на владата или институциите.
“Тоа е заедничка одговорност. Сите – од работниците, преку работодавачите, до институциите – мора да соработуваат за да се обезбеди безбедна и здрава работна средина. Културата на безбедност и грижата за здравјето треба да биде вградена во секојдневната работа на сите нивоа.
На крај, сакам да нагласам дека технологијата е тука за да ни помогне, но човечкиот фактор останува клучен. Наша задача е да осигураме дека дигиталниот напредок оди рака под рака со грижата за здравјето и благосостојбата на работниците. Напредокот и технологијата можат да создадат подобар свет, но само ако тој свет е изграден врз основа на безбедност, доверба и грижа за луѓето“ потенцираше министерот.