Општина Струмица денеска официјално се откажува од членството во Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС). Одлуката за напуштање на ЗЕЛС е донесена како израз на револт поради „индиферентниот однос кон Струмица и нејзините граѓани“ во периодот кога се соочуваат со сериозен проблем со водата за пиење. Според општината, водата, како основен елемент на животот, е критична, а владините институции не покажале интерес да помогнат, особено во врска со проектот за унгарскиот кредит, кој бил одбиен.

„Општина Струмица како институција не е удостоена со ниедна писмена одлука од Владата и нејзините институции, за нив дознаваме од медиумите,“ стои во соопштението. Поради ова, Струмица го напушта ЗЕЛС, со исклучок на законските обврски на заедницата.

Иако Статутот на ЗЕЛС вели дека таа треба да ги застапува интересите на општините, општина Струмица обвинува дека „ЗЕЛС не покажа апсолутно никаков интерес“ за проблемот со водата кој започнал на 27.09.2024 година. Во критиката, општината истакнува дека надлежните државни институции, особено Министерството за земјоделство и Агенцијата за храна и ветерина, не презеле никакви конкретни мерки, а напротив, со анализите од агенцијата „си игра мајтап со струмичани“.

Градоначалникот на Струмица изјави: „Во заштита и интерес на моите сограѓани за нивното најголемо богатство – здравјето, ќе продолжам да се борам со сите сили и расположливи средства, потврдувајќи по кој знае кој пат дека тие ми се НАЈВАЖНИ и за нив компромиси нема да има.“

Тој го нарече проблемот „еден од најголемите скандали во Европа за повреда на човековите права и уставните права и слободи,“ додавајќи дека е „срамно и жално да се тера политика врз здравјето на граѓаните на општина Струмица“.