Со положување на свежо цвеќе пред споменикот на Даме Груев, започна одбележувањето на Денот на македонската револуционерната борба. Пред споменикот кај Завод и музеј во Битола, почит оддадоа градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, претставници на Советот на општина Битола, како и делегации од Сојузот на борци, Здружението на граѓани за заштита на ликот и делото на Дамјан Груев и политичките партии.

Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, честитајќи го празникот, нагласи дека денешниот ден нè потсетува на херојските подвизи на нашите предци, но и на заветот кој нè обврзува да продолжиме да работиме за иднината на Македонија и граѓаните на нашата држава.

„Денеска го одбележуваме Денот на македонската револуционерна борба, кој потсетува на историските моменти на формирањето на Македонската револуционерна организација и нејзините заложби за ослободување на Македонија и формирање на самостојна и независна држава.

И денес, продолжувајќи со интелектуална борба и прогресивни идеи и делувања, заедништво и сплотеност, заветот не обврзува да продолжиме да се грижиме за иднината на Македонија, економскиот напредок на државата и создавањето подобри услови за живот на сите граѓани.

Нека ни е честит и вековит Денот на Македонската револуционерна борба!“, се вели во честитката на градоначалникот Коњановски, испратена по повод денешниот празник.