Во принцип во политиката секоја промена е добра бидејќи треба да донесе нешто ново. Тоа е една работа, а другата, колку што пратев, е оваа новата власт има многу големо мнозинство во собрание. Тоа е добар основ да се забрза европскиот пат и ќе биде полесно ако се продолжи европската политика, вели Милан Јазбец, поранешен словенечки амбасадор во Македонија во интервју за Цивил и Слободен печат.
Тој вели дека како поранешен амбасадор во Скопје имал можност да се среќава и со актуелната претседателка на државата и со идниот премиер и дека се познаваат добро.
„Нека не ми замерат, но во политиката е релативно лесно да се победи. Тоа е моја констатација. Но доста потешко е да се владее. Владеење значи да се има многу јасна програма, детална програма, широка програма и многу луѓе кои работат на реализирање на програмата. Тоа секогаш е потешкото. И мислам дека и тука нема да биде лесно поради овие големи промени. Но, тоа треба да се очекува. Јас мислам дека и медиумите и јавноста треба да го изразуваат ова очекување, бидејќи сум сигурен дека и европските институции, особено ЕУ, ќе очекуваат напредок посебно после членството во НАТО евроинтеграцискиот потег би требало да се забрза“, вели Јазбец.
Поранешен словенечки амбасадор во Македонија потенцира дека да се промени меѓународен договор е уште потешко отколку да се донесе.
„Да се дојде до некои меѓународни, посебно до билатерални договори и посебно кога тоа се случува со соседи овде на Балканот, е многу сложен процес. И кога до него ќе се дојде се знае дека тоа се случило низ еден тежок, долг и сложен пат. Оттука, да се промени еден таков договор е уште потешко. Впрочем, тоа и би немало некаква смисла зашто да се промени меѓународен договор е уште потешко отколку тој да биде донесен. Така на пример, тие кои активно учествувале во неговото градење сигурно вложиле голема енергија која сега би било потребно повторно да се вложува, повторно да се троши, а секако доколку за тоа нема некои посебно оправдани причини. Тоа е една работа. Другата е стара најмалку бар две илјади години“, вели Јазбец.
Тој додава дека во дипломатијата, во оваа материја со договорите има две важни правила. Едното е договорите да се почитуваат кои се склучени, формализирани, ратификувани.
„Но, бидејќи ниедна работа не е апсолутна. Второто е, доколку по некое време и пред сè поради некои глобални причини се дојде до големи, до круцијални промени во меѓународната околина и воопшто во меѓународните односи, во еден таков случај можат да се договорат промени. Но тие не можат да се случат само кај едната страна, туку тоа е процес во кој ќе треба да бидат вклучени сите страни учесници во договорот кој бил претходно склучен. Притоа, исто така е многу важно, доколку дојде таква ситуација да се има предвид со раскинување на договорите или со промени во нивните содржини, да не се направи некаква штета. Тоа во теоријата на правото е доста јасно, но во праксата е тешко остварливо“, истакна Јазбец.
Извор: Цивил Медиа