„Во Македонија не постои друга поделба освен тоа дали си за европска Македонија, за европски вредности, европеизација или си против тоа“.
Ова е констатацијата од изјавата за „Фронтлајн“ на Ерол Ризаов, новинар и публицист со долгогодишно искуство во журнализмот, запрашан за предностите и слабостите на двајцата главни ривали за претседателската трка, социјалдемократот Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова од конзервативната десница.
– Стево Пендаровски, сегашниот претседател, има кристално јасна и конзистентна позиција подолг период. Уште од неговата прва појава во политичката сцена, како советник во кабинетите на тогашните претседатели Бранко Црвенковски и Борис Трајковски, имаше јасна определбата и особено од кога е претседател на државата. Сите овие пет години ориентацијата кон евроатланските интеграции, кон европските вредности и кон европската припадност на Македонија како стратегиски најважен интерес, кај Пендаровски нема сомневање. Тој тоа го работи во границите на уставните овластувања и во границите на позицијата што ја има претседателот на државата. Нема никаква дилема дека Пендаровски и во својот втор мандат, ако го добие, ќе го извршува на највиско ниво, приближувајќи ја Македонија кон Европската Унија, изјави Ризаов за „Фронтлајн“.
Тој додава дека во Македонија не постои друга поделба освен тоа дали си за европска Македонија, за европски вредности, европизација или си против тоа.
– Флоскулата која ја пласираат кандидатите на опозицијата и самата опозиција дека и тие се за европска Македонија, меѓутоа поставувајќи разни програми од типот под која цена…, зборувајќи за национална гордост и за изгубен идентитет, тоа е оправдување за блокирање на сопствената држава за најважното историско прашање за иднината на државата и граѓаните на Македонија, вели нашиот соговорник.
Ризаов се задржа и на поткрепата на кандидатурата на кандидатката на опозициска ВМРО ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова само со 30 пратенички потписи, иако лидерот на нејзината партија, Христијан Мицкоски објави дека се собрани над 20 илјади потписи од граѓани.
– Ниту ВМРО ДПМНЕ, ниту Силјановска не дадоа рационално појаснување за скандалот со собирање поптписи од граѓаните. Тие го сведоа обој случај на техничко прашање. Очигледно станува збор за нешто што ги доведува во сомневање бројните нарачани анкети за сигурната победа. Голема е навредата на тие луѓе што се потпишале и ги избришале како да не постојат колку и да биле. Така Силјановска стана единствен кандидат за претседател на државата само со потписи на 30 пратеници, подвлече Ризаов.
Според него, ако не се постигне консензус меѓу релевантните, најголемите политички партии што ќе победат на изборите, Македонија ќе остане на маргините и ќе доаѓа во ситуација да се доведе во прашање нејзиниот понатамошен опстанок како држава.
– Длабоку сум уверен дека во наредните десет години може да се остварат најзначајните интереси на ова држава, нагласи тој.
Дестан Јонузи
Извор: Frontline.mk