Во пештерите на незнаењето и примитивизмот

Пишува: ЏАБИР ДЕРАЛА

Секој нормален политички субјект или политички ангажиран поединец на светов знае за вредноста на времето и другите ресурси потребни да се извојува изборната битка со политичките противници. Секоја минута е важна, било да се работи за медиумското внимание или времето потребно за теренска работа. Секој кубен сантиметар од просторот и секој бајт од онлајн просторот можат да придонесат кон целта – изборна победа за големите играчи или подобро позиционирање за неизбежните политички приврзоци или независни политички натпреварувачи.

Цели тимови од консултанти и експерти се составуваат, за да им помогнат на своите клиенти да дојдат што побрзо и полесно до целта. Сите се согласуваат околу тоа дека наративите и тајмингот се клучни фактори за успех на секоја политичка и изборна операција. Избирањето на „борбените“ тактики, а уште повеќе изборот на стратешки важните политички мети може да биде пресудно.

Сосема е логично, секој што учествува во изборниот натпревар, се занимава со својот политички противник, бидејќи и таа страна го сака истото – да ја освои власта.

Зошто има потреба да се напише една толку основна вистина? Дали ова е четиво за деца од градинка?

Сигурно не е четиво за деца од градинка, но потребата постои, затоа што некои учесници во политичкиот „сообраќај“ во некои општества (како нашето, на пример), едноставно, се на несфатливо ниско ниво, со целосно отсуство на разбирање на основните закономерности, правила, принципи и етика. Не знаат ни да одат, камоли да возат. А големи се, гладни и крволочни. И се натпреваруваат во политичката арена. И јадат сѐ пред себе.

Ете, затоа е важно да се објаснат основите. Не затоа што оние на кои се однесуваа ќе ги разберат овие поставки – нема шанси да ги разберат, а уште помалку да ги прифатат – туку за да се нагласи остриот контраст на сликата каде што некои се во длабоките нијанси на црното и сивото.

Во една, барем приближно нормална, политичка и општествена констелација, политичкиот натпревар се води меѓу учесниците, а не со оние што не се дел од тој натпревар, без оглед на тоа што сите се вклучени, дури и незаинтересираните и апатичните.

Публиката е жири, а има и судии, фоторепортери, новинари, спортски лекари, џепчии, судии, продавачи на сокови и грицки, пожарникари, редари и друг технички персонал.

Сите се дел од политичкиот натпревар, но натпреварувачите, логично, се свртени еден кон друг.

Апсурдно е да се влегува во јавна конфронтација со неполитички субјекти. Интелектуалци, новинари, јавни личности не се дел од менито на политичките воини. Барем не се главниот оброк.

Неполитичките субјекти се препуштени на јавната дебата, да ги „бистрат“ клучните политички прашања меѓусебно, зависно од вредносните системи што ги застапуваат и ги бранат. И тие се политички животни, зарем не?

Тоа што можат политичките натпреварувачи да го направат е да ја следат таа јавна комуникација и да научат нешто, да се инспирираат за да бидат подобри во борбата „гради в гради“ со конкретниот „непријател“ – оној што, исто како нив, се бори за истите политички позиции за кои гласаат, нели, граѓанките и граѓаните.

Да, граѓанките и граѓаните.

Тоа се оние „микроорганизми“ во чие име настапуваат политичките партии и од чии пари живеат, ветувајќи дека ќе ги потрошат како скромна награда за нивниот труд да изградат политики и практики за подобрување на животот на сите (не само на своите партиски војски). Оваа цртичка треба да послужи како потсетување за што се организираат изборите во едно демократско општество.

Феноменот на политичката сцена во оваа западнобалканска земја е во тоа што некои политичари повеќе се занимаваат со оние што се надвор од директниот политички натпревар и му припаѓаат на активното граѓанство.

Сликата е асиметрична и нелогична.

Цели партиско пропагандни машинерии, со регрутирани квази новинари, интелектуалци и small-time Nazis впрегнуваат за да ги заплашат и да ги попречат во работата, да им го загорчат животот или барем само да ги повредат на лични нивоа.

Безмалку ќе им поминат изборите, а тие сѐ уште се занимаваат со погрешната мета и тоа на крајно приземен начин.

Нелогично, ненормално, глупаво.

На ментални, етички и интелектуални нивоа, може да се споредат со примитивните заедници од праисторијата. Диви орди. Го минуваат животот во „светите“ пештери на незнаењето и примитивизмот, верувајќи дека оние што не се симнати од дрвјата се свети суштества.

Пишува: ЏАБИР ДЕРАЛА

Текстот е личен став на Авторот.

Извор: Civilmedia.mk