Каде се, што се случи со децата на револуцијата?

Пишува: ТИНА ИВАНОВА

Недостигот од отпор кој можеби произлегува од општата апатија, а којашто особено се чувствува кај младите, е причина за уривање, или за умирање на македонската култура. Последниот пример со Младинскиот културен центар е уште еден показател дека кај нас не постои волја за кревање глас, нема желба за револуција па оттука и прашањето: Каде се, што се случи со децата на револуцијата?

МКЦ не е само забава, МКЦ е нужна парадигма, историски чекор
Можеби периодов што го живееме е некаков вакуум простор или некаков меур кој се полни со притаен негативизам, па сме во очекување наскоро да пукне. И не само да пукне, туку и да се распрска како дури и посакувана експлозија којашто можеби ќе донесе нов културен живот или пак, која апокалиптично ќе ја уништи културата која и онака виси на тенок конец и се така до нејзиното „славно умирање“. Еве, да речеме, да заврши со Моцартовиот „Реквием“. Да заврши со моќно и грандиозно умирање на чиј погреб би требало да дојдат само неколкумина од последните ентузијасти, а и тие за фаќање сеир.

Младинскиот културен центар, како и уште неколку други културни институции, претрпе промени во однос на раководните позиции кои им донесоа повеќе штета, отколку корист. Таквото експериментирање со менаџирањето на една куќа од сферата на културата, со долга традиција, зад која стои богата историја, очигледно наидува на провокација кај оние кои се дел од уметноста, но, само на хартија, во случајов на социјалните мрежи. Веројатно со појавата на колективната апатија, се намалува и кондицијата за спротивставување кон одредена негативна појава.

Сите граѓани на Скопје, а особено оние кои денес се веќе во поодминати години, знаат што значеше и што денес би требало да претставува еден културен центар каков што е МКЦ. Тој е темелот на се она што над него потоа се гради како култура, во било која смисла на зборот. МКЦ не е само забава. МКЦ е нужна парадигма, историски чекор, индивидуален и општ, кон понатамошното културолошко обликување на животот на граѓанинот, односно точна насока за работата и прогресот на програмските политики на сите останати културни институции.

Страста за таа културна војна произлегуваше од сознанието за тоа какво значење имаше и какво влијание изврши тоа радио
Скопјани се сеќаваме на побуната во времето кога се обидуваа да ја затворат „Стотројка“, кога гласот го кренаа не само граѓаните, туку и сите останати медиуми, кога имаа жар и страст, за да се спротивстават на тогашната штетна одлука. Но, страста за таа културна војна произлегуваше од сознанието за тоа какво значење имаше и какво влијание изврши тоа радио, калемејќи неколку генерации негови следбеници. Дали денеска повеќе никој не знае каква е во суштина улогата на МКЦ, па молкот, ако не е апатија, доаѓа од необразованост? Очигледно е така, бидејќи оваа дилема не се однесува на повозрасната генерација којашто со сета сила го даде својот влог во одбрана и решавање на многу вакви слични, трагично-комични ситуации кои се случуваа во не така далечното минато.

Секако дека младите не знаат какви беа и што значеа првите настапи на „Леб и Сол“, на „Бадмингтонс“, на „Падот на Византија“, на „Архангел“, на „Ласт Експедишен“, на „Мугер Фугер“, на „ПМГ“ и на илјадници други т.н. алтернативни бендови и од регионот, на ликовната група „Зеро“, на филмските ретроспективи на Фелини, Пазолини, Висконти, Бергман, на францускиот нов бран, ЈУ црниот бран, на прогресивните ликовни изложби, на експерименталните танцови трупи, на хорските ансамбли, мандолинските оркестри, на театарските трупи, на Скопскиот џез-фестивал, „Стотројка“, промоциите на албуми, списанија итн. Но, би требало да знаат и да бидат дел од новите алтернативни уметнички појави, доколку тие навистина постојат во форма каква што треба да биде – да му пркоси на кичот, да биде политички и општествено анагажирана, да биде коректив на сè она што го јаде живиот уметнички организам.

Еден од примерите за наводна апатија е што на еден од фестивалите му го откажаа просторот во МКЦ
За жал, таква алтернатива, барем на нашиов простор, како да не егзистира, веројатно, затоа што повеќе ги нема главните културни примери во општеството, нема културна стратегија, нема културен естаблишмент врз кој таа би вршела контрола преку своите вредности и цврсто ангажирани концепти.

Еден од примерите за наводна апатија е што еден од фестивалите му го откажаа просторот во МКЦ без пристојно објаснување за причините за потегот па организаторите решија да го одржат во Градскиот парк. Да веруваме дека имале силна причина за тоа и не верувам дека во прашање била нивна мрзеливост. Напротив, одлучиле нештото што го подготвувале веројатно цела година, да го види светлото на денот и да му се радуваат сите. Но, таков вид на ескапизам, бегање од одговорност кон стварната промена на нештата, токму денес не нѝ е потребен, доколку гледаме на промени на долги стази. Да беа овие деца од едно друго, нам повозрасните познато време, тој фестивал или било кој друг настан, секако, во вид на протест, ќе се одржеше, ако не насила во МКЦ, заедно со својата публика, барем во околината на Центарот, за да се укаже јасно и гласно дека тој токму таму припаѓа и на ниту едно друго место. Каде е, исто така, гласот на оние кои добија отказ? Каде се нивните врсници во заедничката поддршка? Зошто оглувеа на непоткрепени информации? И, на крајот, зошто тоа се случи само со МКЦ, кога сè друго функционира по истиот принцип?

Зошто денешнава прогресивна младина се одлучува за ескапизам, наместо за револуција?
Да го земеме Фондот за здравство како пример. Зарем, во време на избори немаше да се прегледуваат пациенти? Или погребалното претрпијатие. Зарем во време на избори нема да се погребуваат луѓе? Колку и да звучи неадекватно, неспоредливо или дегутантно, важно е да се каже дека културата е исто толку неопходна, како и храната, исто толку значајна, како и здравјето, како и лекот. Алтернативната култура пак, е храна за младиот човек. За жал, сега го нема она – „подобро да изгори, отколку да избледи“, како што кажа своевремено Нил Јанг.

Зошто денешнава прогресивна младина се одлучува за ескапизам, наместо за револуција? Веројатно, смета дека таквата борба е илузорна, пусто губење на енергија и време. Дека културниот систем е дотолку распаднат, што едноставно многу е тешко да се „состави“. Секако, постои шанса за поправен испит, треба време за адаптација, но и гласноговорници чиј „протест“ ќе донесе промена на подобро.

Титулата Скопје град на културата 2028 да ја откажеме уште сега и да ја подариме на некој друг град или сепак силно – НЕ!
И, повторно, една од причините за немањето на кондиција за вистински отпор, е разорениот културен естаблишмент. Се зголемија платите на вработените во институциите, а на сметка на тоа се намали културната продукција. Без културна продукција, нема уметнички прогрес, нема ниту став, ниту провокација.

Доколку продолжат ваквите практики на неволност за квалитативен развој на културата на градот, доколку ја нема критичната маса или ако ја има, остане нема на регресот и уметничкиот раздор, подобро е титулата Скопје град на културата 2028 да ја откажеме уште сега, и да ја подариме на некој друг град или сепак, силно – НЕ!

Звучи песимистички, но, ако ја земеме во предвид сегашната ситуација, кога нема ниту почетен знак за автентичен ангажман, ниту основа за спонтана неинституционална или во случајот со МКЦ, институционална колективност, ниту доволно гласни „алтернативни“ иницијативи, дали би бил доволен временскиот период до 2028 да се создаде онаков уметнички прогрес за да се оправда довербата како што тоа го направија и прават останатите европски градови на културата.

Младите се тука и МКЦ треба да им се врати ним за и таму да си го побараат својот креативен простор
Младите постојат. А, МКЦ треба да им се врати токму и само на нив. Тие ќе бидат новите, во ова време со се она што тоа го носи, културни револуционери и уметнички борци. Се разбира, доколку не потрае оваа апатична атмосфера, молкот, доколку не се пее само „низ заби“, нечујно и недоволно гласно за промена, доколку има директни, протестни пораки, низ зборови или низ гестикулации, доколку нивните прибежишта, нивните „домови“, не се претвораат во нешто друго и не се користат за друга намена.

За волја на вистината, почнаа да се раѓаат иницијативи за аплицирање за проекти за Скопје 2028, па наспроти песимизмот, да се надеваме дека ќе вродат со реален уметнички квалитет со кој ќе можеме да се гордееме со нашиот град. Затоа што ја гледаме сантата лед пред нас. Треба само капетанот да го сврти кормилото и бродот да фати друг правец, за да не потонеме како „Титаник“.

Пишува: ТИНА ИВАНОВА

Извор: Frontline.mk