Во пресрет на 8 Март, меѓународниот ден на жените, анкетата на „Внимание, внимание“ на „Трн.мк“ беше посветена токму на таа тема. Граѓаните во Скопје кои застанаа пред камерата на Дениз Абдула одговорија дека 8 Март е ден на прославување на сите жени и се што тие може да постигнат, но дека секој ден треба да биде посветен на нив, а не само еден ден во годината.
Дел од испитаните граѓани одговорија дека 8 Март не прославува седнување во кафана, туку добивање на право на глас, право на работа, право жените да заработуваат сами за себе и да имаат самостојност.
На прашањето зошто се одбележува 8-ми март како ден на жените, повеќето граѓани ги спомнаа Роза Луксембург (и Клара Цеткин) и движењето за правата на жените: „8-ми март се однесува за рамноправноста на жената во сите сфери и функции“, истакна една граѓанка.
Сите граѓани потврдија дека ја поддржуваат борбата за правата на жените. „Пред се, би требало да имаат целосна поддршка од мажите и од институциите“, укажа еден граѓанин. „Има дискриминација, мислам дека треба се уште борбата да трае“, истакна една граѓанка. „Јас ја поддржувам борбата за сите права, не само за женски права“, поентираше друга граѓанка.
Анкетата „Внимание, внимание – зборуваат граѓаните“, се емитува на каналите на „Трн“ (на Фејсбук, YouTube, и на Инстаграм) и нејзината цел е да се чуе гласот на граѓаните, посебно на младите. Гласот на граѓаните нѝ го претставува артистот Дениз Абдула, а продукцијата е на „Трн.мк“.