Сите граѓани во анкетата „Внимание, внимание“ на „Трн.мк“ потврдија дека ја поддржуваат борбата за правата на жените. „Пред се, би требало да имаат целосна поддршка од мажите и од институциите“, укажа еден граѓанин. „Има дискриминација, мислам дека треба сеуште борбата да трае“, истакна една граѓанка. „Борбата продолжува се додека една жена е обесправена“ истакна друга граѓанка.
Граѓаните даваа различни одговори и на прашањето која жена е пример за жена-борец: „Сите жени“, „Сите жени во мојот живот…“, Мајка Тереза, Одри Хепберн, но најчесто беа спомнувани мајките и бабите. „Секоја жена си е борец за себе, и за другите“, поентираше една граѓанка.
На прашањето кое право би го подариле за 8 Март на жените, дел од испитаниците одговорија дека жените сами си ги земаат своите права и дека тоа е е работа на мажите. Помеѓу другите одговори имаше и „Да можат да работат секаде каде што би посакале“; „Слободата, независноста“; „Од поедини мушкарци поголема почит кон жената“.
Анкетата „Внимание, внимание – зборуваат граѓаните“, се емитува на каналите на „Трн“ (на Фејсбук, YouTube, и на Инстаграм) и нејзината цел е да се чуе гласот на граѓаните, посебно на младите. Гласот на граѓаните нѝ го претставува артистот Дениз Абдула, а продукцијата е на „Трн.мк“.