„Ние немаме никакви, ниту културолошки, ниту економски, ниту инвестициски поврзаности. Не може да се занесуваме дека припаѓаме на БРИКС, по ниту еден основ не припаѓаме таму. Во таа смисла овие повици од разни субјекти да се преиспитаат нашите позиции се евтини политички трикови, кои не може да се реализираат“ рече универзитетската професорка Ана Чупеска во „Студио 10“ на ТВ24.

Таа додаде дека тоа што одредени политички субјекти пред изборите повикуваат на некаква неутралност, е погрешно искористен термин, туку повиците се за самоизолационизам.

„Политиките на игнорирање на глобалните состојби не носат добро за граѓаните. Секоја држава и власт има должност да ги адаптира политиките согласно капацитетите во глобалните простор на игра. Нам како мала држава не ни е тешко да се определиме. Имаме стратешко партнерство со САД, имаме стратешка цел за ЕУ“ рече Чупеска.

Професорката додаде дека целиот труд, инвестиции и жртви кои ги имаме дадено за европскиот пат не може да ги заборавиме за некакви сојузи, каде нема ни правила на игра.