Дезинформациите влијаат врз изборните одлуки и ја креираат општествената и политичката реалност
ВЛАДИМИР ПИВОВАРОВ
Поимот лажни вести денес е наше секодневие. Ова е најексплоатираниот поим со кој постојано и насекаде се среќаваме.
Настанувањето на лажни информации, се претпоставува дека датира од моментот на настанување на првите цивилизирани заедници во кои луѓето се групирале. Особено значње добиваат во првите воени конфликти помеѓу различните заедници.
Уште во 18-от век, филозофот Свифт запишал дека лажните вести се шират со невидена брзина, а вистината е толку спора што никогаш не може да ја стаса лагата, па така лагата се перципира како вистина.
Во 17-ти век, за време на Јакобинската побуна во Англија, по нарачка на јакобинците, во неколку весници биле објавени дезинформации дека кралот Џорџ Втори е на смртна постела, со што на бунтовниците им била влеана надеж дека набргу ќе го заземат кралскиот престол. Ваквата практика и во времињата кои надоаѓале сè повеќе и повеќе земала замав, особено во политичките пресметки помеѓу властите и опозицијата ширум Европа.
Со создавањаето на првите современи разузнавачки служби во почетокот на 20-от век, без исклучок, кај сите постоеле оддели за информација – дезинформација, кои креирале и пласирале лажни вести преку постојните медиуми како средство за пренесување на информации, а со цел креирање на јавното мислење. Ваквите оддели најголема улога имале пред и за време на Првата и Втората светска војна, а нивната цел била непријателот да го доведат во заблуда.
Развојот на медиумите кон средината на 20–от век (пишаните медиуми и телевизијата), со пренесување на информациите го креирале јавното мнение многу полесно, бидејќи најголемиот број на луѓе во светот немале можност да извршат проверка дали одредена вест е лажна или не.
Со денешната експанзија на илјадници електронски преносници на информации, човештвото е доведено до тој степен, веќе да незнае која вест е лажна, а која е вистинита. Лично, имам уверување дека денеска сме опкружени со поголем број на лажни вести, отколку со вистински.
Лажните информации, со брзина на светлината, денес се пренесуваат преку пишаниот збор, видео запис или слика. Намерното дистрибуирање на лажните вести е глобален тренд, благодарение на развојот на традиционалните и онлајн медиуми. Некои од лажните вести, особено оние кои содржат голема доза на сензационализам, се шират масовно, а дел од јавноста верува во нив, без да изврши проверка.
На социјалните мрежи, секојдневно наидуваме на лажни вести, теории на заговор, дипфејкови, а тоа го креираат ботови чија крајна цел им е исполнување на нивната крајно зацртана замисла на нарачателот на истите. Покрај сè, многу често и ние самите стануваме соизвршители во создавање на хаосот и натамошното ширење на дезинформациите, затоа што многу луѓе не знаат да користат алатки кои може да им помогнат да ја разделат лагата од вистината.
Инаку, ботови се автоматизирани профили (налог) на социјалните медиуми со кои управува компјутерски алгоритам, а не вистинска личност, иако профилите на ботовите се претставуваат како да се креирани од луѓе со лажно име и презиме.
Додека, пак, тролови се вистински луѓе кои седат зад компјутерите и, по налог на нивниот нарачател, шират лажни вести од интерес за нарачателот. Многу често, нарачатели се и самите политички партии.
Како еклатантен пример, најпознат во светската јавност, би го навеле ширењето на лажните вести во предизборната и изборната кампања за претседател на САД во 2016 година. Нашиот Велес стана светска претстолнина на лажни вести. Имено, по нарачка на нарачателите, стотина велешани се здружиле и направиле вистинска фабрика за лажни вести, чија цел била да пласираат лажни вести по електронски пат, а истите биле наменети за американската јавност за да влијаат на креирањето на јавното мислење кај граѓаните на САД, во корист на претседателскиот кандидат Доналд Трамп, а на штета на неговата противкандидатка Хилари Клинтон. Овие луѓе заработувале по десетина илјади евра месечно за креирањето на лажните налози и дезинформации на разни теми. Лажната вест гласела дека актуелниот претседател Барак Обама, ја финансирал предизборната кампања на кандидатката Хилари Клинтон со пари кои ги украл од сметките на воените ветерани.
Нареден пример е објавената фотографија од последниот случај во М-НАВ, на наведениот фејсбук профил, која потоа била шерувана илјадници пати, иако се работи за фотографија која настанала на сосема друго место, односно воопшто не конвергира со конкретниот настан.
Конзументите на информациите, сепак, имаат можност (се разбира доколку сакаат), истите да ги проверат за да се уверат дали информацијата е или не е вистинита.
Основни правила кои ги препорачувам за проверка на лажните вести, а кои треба да ги примениме се следните:
Проверка на вебсајтот на кои е објавена информацијата. Доколку се работи за социјална мрежа, треба да го провериме налогот на кој е објавена информацијата (наука, спорт, економија, криминал, политика и сл.).
Проверка на датумот на објавување на информацијата. Во денешно време, информациите по електронски пат бргу се дистрибуираат, а во меѓувреме можно е истата да е демантирана со проверени факти.
Проверка на идентитетот на авторот на информацијата (новинар, експерт по конкретната тема, граѓанин, политичка партија и сл.). Треба да се запрашаме самите, која е целта на авторот на информацијата, да не информира, да подели свој став или да манипулира со читателот.
Да го истражиме потеклото на информацијата. Каде првпат е објавена? Најчесто информациите се споделуваат преку интернет. Истите при споделување се деформираат, се извлекуваат од контекст или пак се толкуваат.
Треба да си ги поставиме вистинските прашања, да бидеме љубопитни и да искажеме мал сомнеж кон објавената информација. Критичкото размислување е најефикасен начин со кој располагаме за да се заштитиме од лажни вести или теории на заговор.
Лажните вести, или поточно дезинформациите и како феномен и како термин, се во хиперинфлација која, од ден на ден, се зголемува. Ниту во практиката, ниту пак во медиумската теорија, а ниту во медиумското право не постои јасен консензус околу прашањето што се подразбира под поимот лажни вести, особено дезинформациите на интернет.
За жал, и во светски рамки, денес не се располага со доволно научна литература како и на кој начин да се справиме со лажните вести. Топло препорачувам да ја прочитате книгата „Фејк овер“ од шпанската авторка Нереида Каријо, издадена 2023 г. за да може луѓето да спознаат основни вештини за справување со лажните вести.
Лажните вести, или поточно дезинформациите на интернет, станаа фактор за оние кои одлучуваат, да влијаат врз изборните одлуки и ја креираат општествената и политичката реалност. За дисеминација на лажните вести прстот се посочува кон институционални извори, политички лидери и медиуми, но сепак тие своето место го пронаоѓаат на социјалните мрежи, каде што ваквите вести се шират со голема брзина.
Проф. д-р Владимир Пивоваров е универзитетски професор.
Извор: Civilmedia.mk