ДИЈАЛОЗИ ЗА ВЕШТАЧКАТА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА И ТЕХНОЛОШКИОТ РАЗВОЈ: Ќе нѐ убие или ќе нѐ спаси?

Џабир Дерала со Валентин Нешовски

Вештачката интелигенција не е нов концепт. Неговите рани почетоци датираат уште кон средината на минатиот век, со појавата на првите „сметачки машини“, а во литературата и порано.

Научната фантастика во првата половина од 20-от век го запозна светот со концептот на роботите што поседуваат интелигенција. Тин Вудман од „Волшебникот од Оз“ (The Wonderful Wizard of Oz) книгата на Лајман Френк Баум, чие прво издание е во 1900 година, го претставува, веројатно, најстариот познат „вештачки интелигентен“ робот во литературата. Секако, слични карактери се среќаваат и порано, дури и во политичките карикатури и во маркетингот.

Книгата на Френк Баум, а со тоа и Тин Ман, „оживува“ на филмското платно во 1925 година, со филмот на режиерот Лари Семон.

Потоа доаѓа и антологиската филмска обработка на книгата, со филмот на режисерот Виктор Флеминг, во 1939 година, каде што главната улога ја игра легендарната Џуди Гарланд.

Особено интересен филмски лик во овој контекст е и жената-робот Марија во филмот на Фриц Ланг, „Метрополис“ од 1927 година, кој до денешен ден ги восхитува љубителите на филмската уметност.

Да се преселиме, сепак, од световите на фикцијата и уметноста во реалноста на науката и технологијата. Кон средината на 20 век, „бездушниот“ Тин Ман полека станува реалност. До 1950-тите, генерации од научници, математичари и филозофи го создаваа концептот на вештачка интелигенција (AI).

Еден од нив е и Алан Туринг, млад британски научник математичар, кој ги истражува математичките потенцијали за создавање на вештачката интелигенција. Туринг доаѓа до заклучокот дека луѓето ги користат достапните информации, како и разумот, за да ги решаваат проблемите и да носат одлуки. Тој тогаш го поставува прашањето: Зошто машините не можат да го прават истото?

Тоа е логичката рамка на трудот на Туринг, објавен во 1950 година, „Сметачка машинерија и интелигенција“ во кој тој разговараше за тоа како да се изградат интелигентни машини и како да се тестира нивната интелигенција.

Од трудовите на Туринг до денес, живееме во ера на вртоглаво брз технолошки напредок, проследена со револуционерни технолошки скокови со незамисливи размери. Се стекнува впечатокот дека човекот и не е свесен колку технологијата е дел од неговиот живот. На почетокот на 2024 година, роботиката и вештачката интелигенција станаа едно.

*
Со овој краток вовед, ги започнуваме Дијалозите за вештачка тоа интелигенција и технолошкиот развој. Наш прв соговорник е писателот Валентин Нешовски, автор на научно-фантастичниот роман „Последната мисла во универзумот“, чија промоција беше на 1 ноември 2023.

Нешовски е познат и како новинар и уредник во повеќе македонски медиуми (Нова Македонија, Денес, Македонија Денес, ЗУМ магазин), дописник на неколку странски медиуми. Се школува и на катедрата за Меѓународни односи и режими на државниот универзитет во Оклахома, САД.

Непосредна инспирација за оваа серија разговори се и неговите текстови „Вештачка интелигенција – ќе нѐ спаси или ќе нѐ убие?“ и „Вештачката интелигенција оживеа робот: Влеговме во нова ера“, објавени на Фронтлајн.

Авторот Нешовски ја поставува дилемата, дали вештачката интелигенција ќе го спаси или ќе го уништи човештвото. Со оваа дилема и низа други прашања се соочуваат голем број мислители и научници на денешницата. Како и секогаш, на Првата линија на светските настани и процеси, FRONTLINE/ФРОНТЛАЈН се приклучува на светските дебати на овие теми од самото основање во 2019 година и редовно објавува вести, колумни и други прилози посветени на технолошкиот напредок од сите негови аспекти (TECH FRONT).

Целиот разговор прочитајте го на Фронтлајн (ЛИНК)

Извор: Frontline.mk