Легнувањето на брашно како политика не е мудрост, туку претходна грешка!

ВОЈО МАНЕВСКИ

Народните изреки или мудрости се настанати од искуство. Многупати нешто се повторувало, па народот тоа го запамeтил како правило. Проблемот на некои наши политичари е што сметаат дека правилата постојат за да се кршат.

А законитост е кога на високи партиски позиции доаѓаат лица неопитни во водењето на државата да најавуваат нови правила и односи. Самиот поим држава има низа варијации кога се поставува во реалноста и кога е облик на организираност на различни народи со различна геополитичка положба со бројност и економска моќ. Патетично ми звучи кога некој политичар со доверба од две улици или во проценти од втората декада на броевите се расфрла со поимите национална гордост, независност, сувереност.

Да, во науката така стои со правата на народите и државите. Тие се рамноправни субјекти во меѓународните односи. Арно, ама ако не си во состојба да го одбраниш и нахраниш своето население тие поими изгледаат како преширока кошула на преслаби плеќи. Народот вели како партал на плашило за врапци. Не е задача на политичарите на малите народи и држави да воспоставуваат митови и да го величаат својот народ, туку да го сочуваат и водат низ бурите кои големите сили и интереси ги имаат и прават. Ако резултатот на ваквите епски политики е сиромашен народ кој се топи како снег на пролетно сонце, за на крај да останат само митовите кои ќе се споменуваат на слави и погреби .

Не знам колку голема мудрост или познавање на англискиот или некој друг светски јазик е потребен, за да се разбере пораката која на самитот на западно-балканските претставници во Скопје ја добивме. И со нашиот јазик и со слободен превод на кажаното е јасно. Правете онака како што ви се кажува, ова е вашето место во меѓународните односи и интереси и работете според договорените правила. Да, да, некогаш и нема да бидеме принципиелни во нашите ветувања и изјави, ама ние ги поставуваме правилата и ние очекуваме од вас да бидете во рамките на тие правила. Сурово и недипломатски звучи ова, ама тоа е вистината, а не убавата реторика за рамноправноста.

Зошто е тоа така? Па на сите ни е јасно само не сакаме да си признаеме дека досега не покажавме капацитет за одржливост. Значи да бидеме конкурентни барем во некој економски области. Успеавме ли? Сон на најголемиот дел од нашите граѓани е да се вработи во администрацијата. Како поединечен интерес тоа е легитимно зошто капацитетот на економијата во состојба на првобитна акумулација на капиталот е таква.

Ако дели високи плати нема да има за сопствениците да создадат капитал кој ќе го вложат во други поисплатливи гранки. А од каде може да се собере таков капитал? Од вработените на кои им се исплаќаат мали плати или од предимензионираните државни буџети кои се полнат од даноци кои потоа низ системот на партизирани тендери се пресипува во приватни раце и низ банковни канали на финансиската олигархија. Бидејќи така се трошат парите нема доволно средства за функционирање на државниот апарат кој станува посебен слој во општеството и мора да се бараат средства на меѓународниот пазар. И разните фондации што овде се појавуваат се дел од тој пазар. Никој не дава пари за џабе. Нема ручек во модерниот свет кој не треба да се плати.

Е, кога стојат така работиве и имаме 60% веќе потрошено од она што допрва планираме да го произведеме, да се запрашаме колку е силно нашето право да поставуваме некакви услови во водењето на надворешната, а богами и внатрешната политика. Толку колку што ќе избереме умешни политичари кои знаат како да ги вградат и нашите интереси во правилата кои големите сили ги поставуваат. Ништо паметно и ништо ново не е мојов заклучок, само го кажувам без ракавици.

Да се разбереме! Не е мојов народ ниту сите мои сограѓани многу поразличен од другите. Има процес што мора да се помине за да се биде достоен за државотворен народ. Не е доволно да се прогласи држава како политичка организација. Потребно е изградено чувство за таквата заедница. Нормално е секој да ги гледа пред сѐ своите лични интереси, ама ако тие ги загрозуваат заедничките тогаш се на штета на нечии други лични интереси.

Чувството за државни интереси пред сѐ го градат интелектуалните и политичките елити. Тие секаде се општествениот слој кој некогаш мора да ги занемари и своите лични интереси, поставувајќи ги на пиедесталот на заедницата. Нема пример во историјата кога една држава напредувала, ако на таква жртва не се подготвени оние што себеси се нарекуваат елита. Посебно ова важи за оние што на позицијата која ја имаат ја должат на избирачкиот процес. Ако тие не се спремни за одговорност, пожртвуваност, тогаш таквото чувство кај обичните граѓани се губи и заедницата станува само збир на моментални интереси. Таквата заедница е слаба и подложна на разни негативни влијанија.

А зошто го пишувам ова и тоа под влијание на изјавите на високите претставници на САД и ЕУ? Имам впечаток дека опозициските претставници добро го разбираат речникот на високите гости, ама не се спремни на сопствена жртва. Личната штета им изгледа превисока, иако таа на крајот ја плаќа послушниот народ. Нема корист од изјави кои граѓаните сакаат да ги слушнат.

Има потреба од одговорни политики кои ќе донесат подобрување на состојбите, па дури и ако во вој момент народот не ги прифаќа или не ги разбира. Па затоа се нарекува политичка елита, затоа што е избрана да биде предводник, а не како оние што треба да бидат водени. Ако опозицијата не ги усогласи политиките со оние што ни се наложени веројатно ќе биде подигната некаква замислена национална гордост но ударот ќе биде не по неа, зошто митовите не патат од рационалност (затоа се митови), туку по секојдневното живеење.

Во самопослуга или за струја сметките не се плаќаат со гордоста за минатото или со замислена борба за идентитет, туку со пари што сѐ помалку ги имаме. Ако одговорноста е на оние што сме ги избрале, колкава е нашата кога ги избираме? Ако со тоа не мислиме за заедницата, за државата за нашите идните поколенија, тогаш ќе го загубиме правото да се лутиме на оние што сме ги избрале.

А мислев да споменам за многу примери кога овој народ знаел да избере свои водачи. Се предомислив бидејќи заклучувам дека лидерите често го избирале народот. Можеби митовите и мене ми ги разблажиле критериумите.

Мислите ми се вртеа, гледајќи во небото пред Богојавление. Што ли да му посакам на родот мој? Исто што и себеси си помислив. За да бидам среќен треба тоа да го заслужам. И зошто Господ би ми помогнал кога не сакам да ги почитувам неговите правила? Затоа што сум слаб и немоќен. Па таков сум затоа што не ја почитувам неговата волја. Кога ќе вкрстиш половина литар, и ноќта, и сопствената сенка те одминува, а не камоли зората.

ВОЈО МАНЕВСКИ

Текстот е личен став на Авторот.

Извор: Civilmedia.mk