„Маестро“, филмот за славниот Леонард Бернштајн, го вивнува Бредли Купер до облаци

Пишува: ТИНА ИВАНОВА / ФРОНТЛАЈН

Во последниве два-три месеци, случајно или не, името на Леонард Бернштајн кружеше околу моите мисли, ама имаше за тоа и неколку конкретни поводи. Една од идеите на група луѓе за подготовка на мултимедијален концерт, беше да го реализираме епскиот мјузикл „Приказна од Западната Страна“ на „скопски“ начин, што веројатно и ќе се случи наскоро. Оваа своевидна популаризација на делото на Бернштајн кое ја модернизира Шекспировата „Ромео и Јулија“ е генијален приказ на американските Бродвеј спектакли, ама и само по себе, од музичка гледна точка, сруши, во позитивна смисла на зборот, повеќе традиционални концепти на компонирање, што е за поздрав, и стана едно од најадаптираните дела.

По некое време, од драг пријател на подарок ја добив фантастичната биографска книга „Леонард Бернштајн“ чиј автор е Хемфри Бартон, негов постојан соработник, филмски режисер, повеќе од две децении интимно поврзан со светот на славниот американски композитор. За Бернштајн се снимени многу документарци, во архивата којашто може да се најде на „Јутјуб“ има сериозно многу снимки од негови концерти и предавања (мастеркласови), како и голем број на музички ракописи, збирки (пишани и снимени дела) кои можат да се преземат и од сајберпросторот преку платформи како „Спотифај“ или „Епл мјузик“.

Животот на авторот на „Приказна од Западната страна“, „Петар Пан“, „Кандид“, „Прекрасен град“, „На градот“, „На Водата“, на неговата величествена миса и на низа други дела, вклучувајќи три симфонии, животот на човекот кој беше најдолго на чело на престижната Њујоршка филхармонија кога таа го живееше својот сјај, е опишан на 600 страници во ова дело (македонско издание на „Арс Ламина“). Авторот Бартон направил прекрасно сецирање до детал од сè она што е врзано за името на Бернштајн кој донесе многу новини во светот на класичната музика и на уметноста и воопшто важи за еден од најголемите диригенти поради неговиот „луд“ пристап кон развивање на музичката материја. Навистина фасцинантни се неговите предавања и часовите што ги држел на помладите колеги, кои не можат да се споредат со неговите претходници, па ниту со неговите современици.

Многубројни се записите за Бернштајн. Тргнувајќи од автентичните мемоари на неговиот брат Бартон, наречени „Семејни работи“, па сè до над 2000 писма (слично како Моцартовите писма) кои се објавија дури во 2011 година, а до тогаш чувани во банкарски трезор од страна на неговиот менаџер Хари Краут, од кои значаен дел се однесуваат на неговата хомосексуалност (писма од над 40 „романтичарски средби“ со мажи, некои со шокантна содржина), па сè до оние од негови биографи на кои начини се пробивал во светот на шоу бизнисот во „Големото јаболко“, многу студии, многу анализи, критики… Меѓу другото, акцент се става и на неговото дело „Во градот“ како прво сценско дело во кое афроамерикански музичар е ангажиран да диригира со оркестар составен од белци на „Бродвеј“, предизвикувајќи ја општествената поделба според бојата на кожата. Па, неговото децениско следење од страна на ФБИ (дури има и студија „Политичкиот живот на еден американски музичар“) во која е јасно прикажана опседнатоста на Федералното истражно биро со Бернштајн кој до крајот на животот останал левичарски прогресивец. Меѓу многуте биографии на овој автор се издвојува и „Леонард Бернштајн: американски музичар“ во актуелна серија со наслов „Еврејски животи“ каде што не се фрла фокус на религискиот аспект, туку се откриваат нови визури за неговата музика. Но, на крајот, како што и самиот изјавил, и покрај сите етикети кои му биле залепени, со право или не, во неговиот пасош тој се впишува како „МУЗИЧАР“.

Како музиколог, навистина е значајно за мене да ги согледувам нештата за луѓето од музичкиот свет прикажани на поинаков начин, на филмско платно. Бидејќи, визуелизацијата ве носи директно во нивните животи (така барем би требало), па дури тоа да е и нереална фантазија на сценаристот и режисерот, сепак, задоволството да се оживее сликата за еден, во случајов, композитор, е огромно. Како да се возите во временска машина, или како да сте во музеј (спомен куќа) со сите негови изложени предмети кои сега оживуваат – а, чувството е како да сте еден од ликовите во „Алиса во земјата на чудата“, на пример. Сѐ уште не можам да ги заборавам фасцинациите од „Амадеус“ на Милош Форман или „Малер“ од Кен Расел или „Моја бесмртна љубов“ за Бетовен на Бернард Роуз, итн. И не бадијала толку векови творбите на овие музички магови не само што постојат, опстојуваат, живеат, туку не се надминати, се уште се авангардни, прогресивни, автентични ремек-дела. Колку е тоа генијално, како да сопрело времето, и сè уште во нивната музика, па и милион пати да сме ја слушале, наоѓаме нешто ново, нешто на коешто се воодушевуваме.

И токму затоа, нетрпеливо ја очекував појавата на фимот „Маестро“ на „Нетфликс“ посветен на Леонард Бернштајн (викендов што измина ме држеше таа емоција на истата возбуда како кога првпат го гледав „Малер“) и веднаш најавувам дека ја немав таквата воодушевеност како со „Амадеус“, на пример. Ова е нешто поинакво. Претпоставувам дека Бредли Купер, кој е режисер и го игра главниот лик, намерно не ја доловил целосната слика за композиторот како што тоа е прикажано во некои други филмови со слична идеја, оти навистина се премногу и се веќе видени материјалите за американскиот контроверзен диригент и композитор. „Маестро“ не е документаристички филм од раѓање до смрт (25 август 1918 – 14 октомври 1990). Но, има многу реалност. Каква што помалку се очекува.

„Маестро“ како нецелосен приказ на животот и делото на Бернштајн (веројатно таква била намерата) е чисто огледало на емотивната состојба на композиторот. Фокусот е ставен на неговиот брак со актерката Фелиција Монтеалегре (Кери Малиган) и неговите внатрешни борби со сексуалноста кои го притискаат и го чуваат заробен во окови од кои веројатно се ослободува на крајот на животот, а којзнае дали и тогаш, со оглед на нивното долго потиснување. Извонредно е како е доловен внатрешниот немир, копнежот по ослободување, битката помеѓу рациото и емоцијата, воздржаноста од јавно експонирање на неговата сексуална аспирација, осаменоста во тагата, чувството за неприпадност. Љубовта помеѓу него и неговата сопруга е многу директна и чиста и „сликарски“ доловена, таа постои и опстојува до крајот на животот на Фелиција (која умира од рак, 12 години пред него), но копнежот по паралелните љубови на Бернштајн не исчезнува. Фелиција е онаа којашто знае што сака – стабилна, вљубена, жена која стои цврсто зад целосната кариера на нејзиниот сопруг, посветена мајка на три деца, посветена актерка, но длабоко несреќна поради сознанието дека нејзиниот Лени, како што таа го нарекува, својата љубов ја насочува на други места и знае дека неговата потреба од тоа е посилна и од него самиот. Дури и во едно од писмата таа му пишува: „Ти си хомосексуалец и можеби никогаш нема да се промениш“. Не е дека филмот не ги покажува творечките страсти на Бернштајн. Го гледаме и како композитор и како диригент и како педагог, го гледаме и како ја гради неговата кариера (особено моќна е сцената со изведбата на неговата Миса), но основниот постулат врз кој се потпира „Маестро“ е токму неговата негација на неговото постоење како таков – неодлучен, заробен, несреќен.

Всушност, најсилниот момент во филмот е Бредли Купер. Фасцинира во оваа улога за која, како што и самиот вели, долго се подготвувал. Шест години се трудел да научи да диригира за сцена од само шест минути (прочуениот настап на Бернштајн со Лондонскиот симфониски оркестар, 1976) која е снимена токму со истиот оркестар и каде што Купер навистина диригира. Но, целокупната негова експресија е маестрална. Автентично го доловил ликот на Бернштајн, извонредниот пијанист, атрактивниот композитор и волшебниот диригент од светски глас кој потекнува од еврејско семејство кое емигрирало во САД. Бернштајн студирал на Харвард, а потоа на еден од водечките конзерваториуми, на Музичкиот институт Кертис. Еден од ретките диригенти е којшто диригирал од пијаното, еден од најубавите негови настапи се смета изведбата на „Рапсодија во сино“ од Гершвин со Њујоршката филхармонија (1976), тој е првиот Американец кој диригирал во миланска „Ла скала“, првиот кој ја „популаризирал“ музиката на генијалниот Густав Малер снимајќи ги сите негови симфонии по два пати итн. Па, дел од овие моменти ги има во филмот, но фокусот е на друго место. Купер и во тие мигови е извонреден, во творечкиот и интерпретацискиот занес, и сигурно заслужува „Оскар“ за најдобра машка улога. Дали ќе биде ова негова животна улога, останува да видиме. Секако, улогата на Фелиција, Кери Малиган исто така извонредно ја игра.

Провејуваат и некои непотребни коментари за филмот. На пример, се споменува вештачкиот нос на Бредли Купер со цел физички да го преслика маестрото. За некои е навредливо, како да им се исмева на Евреите, но во негова одбрана секако застанаа наследниците на Бернштајн кои биле вклучени во секој чекор во текот на снимањето на филмот. Но, покрај актерската маестралност на Купер, токму вештачкиот нос ни го дава маестрото пред очи, како да е тој, вистинскиот Леонард Бернштајн. И не го доведува поради тоа до гротеска, како што некои од критичарите се плашеле. Од останатите атрактивности е дека овој филм најпрвин требал да го режира Стивен Спилберг, кој дури го ангажирал Купер за главната улога, но тој уште тогаш му кажал дека му треба време да го проучи материјалот за да види дали може да создаде филм, на што Спилберг (кој сега се јавува како еден од продуцентите, заедно со Мартин Скорсезе), се согласил. Врвна е и фотографијата, но и костимографијата и уште еден интересен момент е што за неа е заслужен костимографот Марк Бриџис. Тој успешно го реконструирал култното одело на Шанел од твид, наведувајќи дека сопругата на славниот композитор купувала од скапи продавници на Петтата авенија, така што костумот на Шанел совршено и прилегал. Ова е втор филм на Купер во кој се јавува како режисер, по „Ѕвездата е родена“, со кој дебитираше на Венецискиот фестивал.

„Маестро“ ја имаше светската премиера токму на Венецискиот филмски фестивал. Седумминутните овации се повеќе од доволен репер за филмот да има успешен пат. И солзите по гледањето на филмот на неговите три деца. Филмот заработи номинации за „Златен глобус“ во три главни категории – за најдобар филм, најдобар режисер и најдобар главен актер. На „Нетфликс“ оценките се 88 посто позитивни. „Неверојатен филм – од дејствие и глума до музика, се е полно со чувства…“, „Бредли Купер е маестрален!“, „Еден од најемотивните филмови некогаш“…

Можеби критиките ќе бидат поделени, но, едно е сигурно – „Маестро“ предизвикува прашања и одговори, полемики, дискусии, особено во музичката фела, а тоа е и суштината на едно уметничко дело. Како што и самиот Бернштајн кажал: „Уметничкото дело не одговара на прашања, туку ги предизвикува, а суштинското значење е во тензијата помеѓу конфликтите на тие одговори“. Вреди да се погледне овој филм за човекот којшто доби 16 „Греми“ награди и 7 „Еми“ и го предводеше најдобриот оркестар на светот – Њујоршката филхармонија. Човекот кој со себе во гроб си зема примерок од „Алиса во земјата на чудата“, диригентско стапче, среќна паричка и партитура од Петтата симфонија на Густав Малер. Сосема доволно за следниот живот!

Специјално за Првата линија. Текстот е личен став на Авторката.

Извор: Frontline.mk