Помислил дека е Черчил или Фокнер, па отишол во партија да промовира „патријархални вредности“

Пишува: НЕНАД ЈОВАНОВИЌ

Овој текст е „инспириран“ од веста со наслов: „извесен претседател на мес(е)ниот комитет во охридско фатен со дрога и разрешен од функцијата“. И, ќе прашате, какви се моите впечатоци кога го прочитав ова соопштение, или може ќе прашате, што ѝ прават на мајка Македонија заколнатите патријархални верници на бракот, семејството и родот? Важи, одиме на „хартиска задача“.

Штом ја прочитав оваа вест, во главата ми налетаа опасни еретички мисли, само пред да се вратиме на таквите, нели, (раз)мисли, верувам дека ќе ми простите за овој мал „appendix“: Винстон Черчил својот прв виски го пиел во 9 часот наутро. Пиел Џони, црвен. И палел цигара, кубанка. Британија, се разбира, е сериозна земја која внимава на својата традиција. Како што внимава и на традиција на Винстон Черчил; неговата традиционална алкохоличарска рутина е квалитетно документирана. Сочувани се архивски документи кој смеел да му носи алкохол, во колку часот и како да му биде послужен.

Вториот виски Черчил го дрмнувал во 10 часот наутро (со сода, секогаш со сода). Денот го почнувал и го завршувал со виски. Пред спиење ќе се повлечел во својот кабинет, и тука, заедно со Џони в рака ги носел своите најтешки одлуки.

По цели денови Черчил пиел виски (со сода) и пуфкал цигари. Многу цигари. Вискито го сечел со шери и коњак. И шампањот – омилениот пијалок, а не виски, на Черчил. Флаша за ручек, флаша за вечера. Три флаши седмично виски и флаша шампањ. Покрај тоа, цигари. Многу цигари.

Умре во деведестата година.

„Голема пијаница бил Винстон Черчил“, ќе рече народот и сенатот. Така е, бил пијаница. Ама таа пијаница земјата ја придвижи низ Втората Светска војна, притоа – победи во најголемата кланица во историјата на целото човештво.

Кога денес го читам тоа несреќно „дете“ од охридско, па уште и „висок партиски функционер“ на Мицкоски, сфаќам зошто денес го нема Черчил, ако ме разбирате што сакам да кажам: купишта од сиви и безидејни медиокритети каде и да се завртиш. Затоа Мицкоски – по паметот на Груевски – на своето партиско членство им лупа чврги, а овие не смеат да му писнат. Ете, поставува некои „млади и прогресивни патријархати“ на некоја функција, овие кутрите малку ќе се попалават по кока-кола, малборо и сузуки идеологија, и хоп! – веднаш нога у дупе.

Сакам да ви кажам, тоа што денес е околу Мицкоски е уплашена и непроживеана челад. Влегуваат во партија не за вредности, туку да се мајмунисуваат пред своите школски другари, роднини и пријатели. Па, нели, кога ќе ги фатат – а порано или подоцна сите ги фаќаат – таквиот веднаш како од топ: каде бре јас такви работи, ме местат, чесна пионерска! Се сеќавате, кога ќе ги фатат во некои инкриминирани работи веднаш квичат, те ги боли мешето, те ги боли запчето, та не присуствуваат на судски рочишта заради болест, или, пак, кога ќе го слушнам оправдувањето: „лицето Х.Х. се откажува од политичка кариера поради здравствени проблеми“. Значи, не затоа што длабоко е криминализиран, фатен, документиран, туку се откажува од политика заради здравствени проблеми. Тјах! Од авион се гледа дека е лага. Се присеќавам дека така ние лажевме кога бевме деца: учителкееее, ме боли стомакот, ја знам песничката ама ме болииииии, многуууу ме болииии стомакооооот.

Кога го прочитав соопштението, имено, за „пиењето на дрога“ на партискиот „висок функционер“ на Мицкоски, помислив дека ние живееме во земја од трезвени и побожни луѓе, ама сите знаеме дека тоа не е така. Ова „откривање“ за „пиењето дрога“ е куловско лицемерие и сељачко пренемагање. Ова не е ништо ново, ниту е наш ексклузивитет. Секаде на овој свет постојат паразити кои ќе се обидат да ти ги најдат твоите слабости. Ниче (не оној македонскиот, туку правиот, Фридрих!) напиша стотина брилијантни страни на оваа тема. Черчил, ви напишав, направи феноменални работи за Британија, ама тамошните прдловци му замеруваа зошто премногу пие.

Не можеш нашиот кулов-македонец да го преебеш. Веднаш ќе ти ги најде слабите страни, ќе се згрози над нив, и ќе те дочека на нога. И веднаш тргнува да те „социологизира“.

Јас немам проблем со луѓе кои „пијат дрога“ и се алкохолизираат. Затоа што проблемот не е во нив, туку е на друго место. Имам проблем со луѓе кои изигруваат појавно дека се за ред, правда и „патријархални вредности“, а во приватен живот се вистински бекрии и пробисвети, малтене ајдуци кои, како што ни рече еднаш еден наш конзервативен „мислител“ и аналитичар (името познато на Редакцијата): признавам само прва братучеда, од втора натаму и барам како што си барам лепче.

Текстот е личен став на Авторот.

Извор: Frontline.mk