„Од Албанија овој петок 21 од украдените и потоа пронајдени икони ќе бидат вратени дома, со што ќе останат уште дваесетина икони кои незаконски беа изнесени од државата – за нивното враќање потребно е да се завршат процедурите“ рече министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска во интервју за „Фронтлајн“.

Таа додаде дека враќањето е резултат на билатералните договори за соработка во областа на културата, но и одличната комуникација која министерството ја има со колегите од државите во регионот.

„Културната соработката која се темели на европските вредности е вистински елемент на европското поврзување и заедничко придвижување напред. Затоа и сме толку фокусирани на поврзувањето и соработката со регионот, бидејќи тоа е еден од најдобрите начини за обезбедување на долг рок заштита на културното наследство“ рече Костадиновска-Стојчевска.

Министерката додаде дека културата е отворена како никогаш досега, а приоритетот сепак се става на домашната културна политика.

„Иницијативите како Берлински процес и Отворен Балкан ја поттикнаа соработката и настрана од политиката, се докажа дека културата е витална и дека ја има моќта да ги зближува и државите и народите“ рече Костадиновска-Стојчевска.