„Ситуацијата треба и мора да се оцени како сложена, бидејќи борбата со дезинформациите и со говорот на омраза како најмалигни појави во борбата за демократско општество е постојана и секојдневна. Значи, таа не се случува ниту еден ден, ниту еден месец, таа е постојана и секојдневна, согласно со случувањата и во светот и во државата,“ истакна вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричич во интервју за Цивил Медиа.

Тој посочи дека Северна Македонија како една од поновите членки на НАТО, и како држава кандидатка за членство во Европската унија, е постојана мета на малигните напади на дезинформациите, говорот на омраза, национализмот. Како и сè она што има цел да ја наруши довербата на граѓаните во ЕУ како идеја и како концепт, да ја поткопа вербата на граѓаните во демократијата како идеологија и како систем, и да ја зголеми недовербата на граѓаните генерално кон системот.

„Ние не смееме да заборавиме колку време беше нашава држава мета на дезинформативни напади поврзани со безбедноста на училиштата на пример. Не смееме да заборавиме колку време бевме под жестока малигна кампања мотивирана и иницирана од Кремљ, а одиграна од домашните политички играчи поврзани со идеологијата на Кремљ, поврзана со францускиот предлог. Со месеци лажеше Левица и ВМРО-ДПМНЕ како, ете, сега и докажани коалициони партнери, дека тоа е предлог што ќе го збрише нашиот идентитет, дека ќе го загрози. Имаше јавни судења на високи владини функционери, имаше една жестока кампања дека нашиот јазик ќе исчезне итн. Сите тие, со текот на времето, пукаат како меур од сапуница, меѓутоа, прават огромна штета,“посочи Маричиќ .

Вицепремиерот укажа на нивното навремено препознавање институционално и политички, што е подеднакво важно, бидејќи институционалното и политичкото справување со дезинформациите и со говорот на омраза и справување со истото е многу важно за секој граѓанин.

„Се соочуваме со пад на поддршката за членство во Европска Унија, иако тоа се ублажува и полека се враќаме на вистинските патеки. Тоа е директен производ на дезинформациите и лажните вести. Кризните години и кризните подрачја се многу погодно тло за ширење дезинформации и говор на омраза. Да не заборавиме, ние во изминатите три години имавме кризи, една врз друга, кои оставија енормни последици врз општеството, граѓаните, јавните политики и институциите,“истакна Маричиќ.

Тој се осврна на Ковид кризата и вакцините, на руската агресија врз Украина како производ и извор на дезинформации. Потоа, енергетската и економската криза кои произлегуваат од руската агресија врз Украина.

„Имаме направено многу, но не е доволно. Секако можеме да направиме многу повеќе и треба да направиме, доколку сакаме да го задржиме концептот на мултиетничко, демократско, проевропско општество,“порача Мариќич.