„Тоа е глобална битка. И затоа е нормално и логично да имаме и помош. Но, пред сè, треба да се базираме на иницијативата на нашите институции. Знаеме дека има добар сајбер тим во МВР, има добра екипа и во другите институции во владата, која работеше на ова многу долго, за да воспоставиме некаков внатрешен систем за препознавање и борба со појавата на дезинформациите и говорот на омраза. Мислам дека е клучно тоа да се напомене,“истакна вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричич во интервју за Цивил Медиа на прашањето дали имаме каков вид поддршка добиваме од нашите партнери и пријателски држави?

Тој се осврна на нашата Стратегија за борба против хибридните закани, која што треба да се потенцира, а се однесува за период од 2021 до 2025 година, и се спроведува со одредена динамика и акциски план. А како членка на НАТО, земјата е дел од системите на НАТО за заштита и стратешка комуникација.

„Во извештајот од Европска Комисија, наведено е дека правиме значителни напори во оваа област и нормално е дека има уште многу што да се направи. Најважно е, во конкретните ситуации, кога се соочуваме со такви напади – како што се случаите со повеќемесечните закани со бомби во училиштата и со кои успешно се справивме, а што не беше едноставно, со сите серии на дезинформации за францускиот предлог, за руската агресија врз Украина, за Ковидот и вакцините, сајбер напади врз конкретни институции кои имаат голем број податоци и заробување на дел од тие податоци – со сето тоа се справуваме со заеднички напори на нашите НАТО партнери и партнерите од ЕУ. Затоа е битно, во овој дел, да се задржи таа димензија на соработка, бидејќи ова е глобален проблем и проблем на сите демократски држави, кои веруваат во демократијата и се борат за неа,“порача Маричиќ.