„Новиот пакет на антикризни мерки ќе биде насочен каде што е најпотребно. Тука е разликата меѓу нас и опозицијата. Порано се трошеше на стиропор, жални врби и Скопје 2014, тоа како да го имаме заборавено. Сега имаме соодветни економски мерки кои даваат резултат“ рече заменик-претседателката на СДСМ, Сања Лукаревска во утринската програма на „Слободен печат“, која се реализира во соработка со „Цивил медиа“.

Таа додаде дека владата предводена од СДСМ ги исполни своите главни ветувања за раст на просечната и минималната плата, но и се погрижи за раст на пензиите и подобрување на животниот стандард на пензионерите.

„Во новиот буџет имаме предвидено 1,36 милијарди евра за пензионерите. Од 2017 година, вклучително и 2024, издвоени се 8,5 милијарди евра за пензионерите. Просечната и минималната пензија се зголемени за 50 отсто“ рече Лукаревска.

Заменик претседателката на СДСМ истакна дека освен покачувањето на платите, Владата предводена од СДСМ успеа да ја исполни стратешката цел членство во НАТО, но и да гради Едно општество за сите во земјава.

„Останавме и на ветувањето дека ги враќаме парите назад кај граѓаните. Помеѓу многу проекти, Мој ДДВ го сметам за еден од поуспешните. Во третото тримесечје оваа година вративме 12,8 милиони евра кај 460 илјади граѓани“ рече Лукаревска.

Таа исто така потсети дека од 2019 до 2022 година активна беше мерката за субвенционирање на придонесите за повисоки плати, сума од 600 до 6000 денари, мерка што на многу работници им овозможи подобар животен стандард.