Гладијаторски игри: Политички и медиумски канибализам
ЏАБИР ДЕРАЛА
Пригушеното зуење на рефлекторите и опремата, мирисот на напластена прашина меѓу каблите и темните ќошиња на студиото, мрморењето на студискиот персонал кој разменува забрзани инструкции до последен миг и – „камера иде“. Се слуша шпицата со бесплатните музички темплејти и шоуто може да започне! ТВ дебата…
Телевизиските студија веќе одамна не се место за аргументирана дебата, туку за политички и медиумски канибализам.
Тоа е една бескрајна, крајно заморна и бескорисна низа од вербални судири од кои ефектот врз публиката е налик на оној во римските арени во кои гладијаторите се борат меѓу себе до изнемоштеност и – смрт. Потоа, публиката, откако ќе намириса крв, го крева палецот нагоре, за да го поштеди паднатиот гладијатор или покажува надолу, за да биде погубен во прашината на арената. Публиката денес е седната на трибините на социјалните мрежи, а обично палецот им е заглавен – надолу.
Дел од телевизиите најдоа одличен начин, без многу напор и трошоци, да ја одржат својата гледаност, газејќи ги сите принципи на дијалогот и аргументираната дебата. Со крајно негативен набој во вечерните гладијаторски игри пред камери, најчесто во живо, тие ја предизвикуваат и одржуваат поларизацијата во општеството, речиси бесплатно. Примордијалните емоции, предрасудите, омразата и стравовите се нивното оружје со кое ја контролираат јавноста. На тој начин, медиумските кланови останаа влијателни во јавноста и се задржаа на врвот на пожелни дестинации за спонзорства од најголемиот бизнис – политиката.
Што се случува? ТВ уредниците и водителите на едната страна доведуваат (или им е кажано да доведат) крволочни ѕверови со затнати уши и раширени челусти од кои се шири неподнослива смрдеа, со инсталирани чипови со „софтвер“ за напад против демократските принципи и вредности. Од другата страна (на)седнуваат „жртвите“ кои имаат што да кажат во одбрана (или критика) на одредени вредности, политики, настани или процеси. Исходот од таквите битки е познат – се лее „крвта“ на жртвите по подот на „арената“, со сесрдна помош, а некогаш и само со скрстени раце на водителите.
Со други зборови, просторот за вистинска дебата за клучни теми во јавноста е речиси целосно уништен. Прогресивните јавни интелектуалци, експерти и политичари немаат друг избор, освен да учествуваат и на тој начин да задржат дел од медиумскиот простор во обид да ги претстават своите ставови. Битката е нерамна, публиката е наелектризирана, а рекетарските медиуми „кешираат“ влијание и – што друго – пари.
Голем број авторки и автори напишаа сериозни анализи за трансформацијата на јавното мислење и доминацијата на популистичките наративи со кои се напаѓаат емоциите кај луѓето и ги занемаруваат фактите и разумниот дијалог или дебата во јавната комуникација.
Парадоксите на денешницата ги одбележува целосната злоупотреба на слободата на говорот и демократските принципи. Британскиот историчар Ниал Фергусон пред неколку години напиша:
Веќе не живееме во демократија. Живееме во „емократија“, каде што владеат емоциите… и чувствата се поважни од разумот.
Ова е интересна тема, размислете. Општеството тоне во играта на медиумските рекетари и нивните „академски“ хонорарци, политичките радикали и профитери, со секојдневно „погубување“ на гладијаторите во „арената“. Главната мета се – свеста на луѓето и нивните џебови. Одговорност? Етика? Почитување на човековото достоинство, демократските принципи и законите? Пих!
На крајот, ако мислите дека ова е македонска медиумска иновација, се лажете. Тој тренд го наметнаа илибералните центри на политичката моќ кои се во подем дури и во развиените западни демократии.
Со една „мала“ разлика: таму тие се можеби во пораст, но ни оддалеку не се доминантни, како што тоа е случајот во нашата „демократска“ јавност, жедна за крв што се лее во телевизиските арени.
ПС. Овој текст треба да добие повеќе продолженија.
Текстот е личен став на Авторот | Извор: Civilmedia.mk