Испитаниците на последната анкета на „Внимание, внимание“ на „Трн.мк“ велат дека мажите се срамат да отидат на лекар и се плашат од тоа што ќе кажат другите. Анкетата е фокусирана на машкото здравје како дел од глобалната кампања „моември“.

Според дел од испитаниците се нарушува егото на машкото доколку им се сугерира да отидат на лекар, но дел гласно кажуваат: дека е потребна поголема едукација и јавни кампањи, за мажите да не се срамат да отидат на лекар, да ги надминат табуата, да одат редовно на прегледи и контроли, да го надминат стравот што ќе речат другите, а и да бидат охрабрени од нивните партнери.

Секој ноември се одржува глобалната кампања за машкото здравје со слоганот „моември“, а карактеристичен знак на кампањата „моември“ е раснењето мустаќи кај мажите. Сепак, во анкетата на „Внимание, внимание“ на „Трн.мк“ граѓаните изјавуваат дека не се баш свесни зошто се пуштаат мустаќи во ноември и повеќето сметаат дека тоа е од помодарство.

Според испитаниците на „Внимание, внимание“, мустаќите во ноември се за истакнување на месецот на мажите и машкоста, но повеќето не биле на преглед на простата или тестисите.

Анкетата „Внимание, внимание – зборуваат граѓаните“, се емитува на каналите на „Трн“ (на Фејсбук, YouTube, и на Инстаграм) и нејзината цел е да се чуе гласот на граѓаните, посебно на младите. Гласот на граѓаните нѝ го претставува артистот Дениз Абдула, а продукцијата е на „Трн.мк“.