пишува ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Деновиве на Месечината се струполи сателитот од семејството „Луна“ на руските научници. Неуспехот на екс-советскиот вселенски програм секако се должи на замената на некогашната московска пропагандна програма која идеолошката трка со Западот ја базираше на факти дека Истокот „секој ден во секој поглед напредува“ а нема ништо поочигледно од она што ви лета над главата и преку радио сигналите можевте да го слушнете и во дневната соба како ја отчукува едноставната порака „так-так-так…“

Новата пропаганда од Москва има многу пософистицирана програма, зад која стојат и експерти и армиите извршители што ги користатат сопствените алатки за да размоножуваат „вистината“ заради некоја цел.

Русите – слаби на фронтот, силни во интригите
Како што пишува деновиве еден од најдобрите познавачи на кремљовската пропаганда – новинарот Георги Лозанов „Русија може и да ја изгуби војната во Украина, ама ќе ја добие во Бугарија“, а ние би можеле да додадеме „и во Македонија“.

Имено, ако се продолжи со политичката нестабилност во Бугарија, сѐ повеќе ќе расте популарноста на партијата „Преродба“ на Костадинов, па на следните избори бугарските гласачи можат да издејствуваат кабинет кој ќе го формира најголемиот русофил во државата (добро, после Радев).

БРЗО ЗАБОРАВЕНИ ИДОЛИ Груевски преку ноќ го смени идентитетскиот код на народот и немаше отпор, за тоа ново читање на историјата да се истроши, исто така – за миг
Кај нас таа функција на замрзнувач на состојбите ја презеде своевремено Груевски, кога под шаторот на западните сили се одвиваа разговори за разрешувања на спорот со Грција и кој со митот за античките Македонци како наши предци (2009 г.) успеа да стави неостик на нашите асоцијативни капацитети.

Ова, од аспект на интересот на Путин беше полн погодок: инвестициите во солунскиот ПАОК и неговите навивачи преку еден некогашен чувар во руска фабрика за цигари (Иван Савидис), кој со позajмени пари (750 милиони долари) стана сопственик на солунскиот клуб, земјата доби навивачко стампедо што подигнуваше на нозе милиони протестанти!

САВИДИС Монструм на руската пропаганда контра Македонија – Савидис (во средината) со позајмени пари создаде армија на антимакедонисти во Солун
Фактот што нашата земја влезе во НАТО, секако стана голем неуспех на Москва, иако е јасно дека надворешни прсти имаше и во обидот за недавање на власта после изборите во декември 2016 година (крвавиот четврток), обидот за одземање на мнозинство на власта со врбување на пратеници од мали партии, како и заканите со ладни зими и радијатори си имаа путиновска арома. Или недавањето на увоз на руски вакцини (во услови кога истите и немаа успех на меѓународниот пазар), а секако беше спротивно и на елементарната хуманитарност, што покажа дека нашиот влез во Алијансата Путин ја доживува и како личен пораз! Но, да минеме на некои видени практики на пропагандата која помина од „Спутник“ и Гагарин на некои поприземни работи.

Пумпање на антагонизмите
Руската пропаганда најпрвин ги подбуцнува внатрешните немири, преку пумпање на антагонизмите кон „инаквите“, најчесто странците. Додека во земјите на Источна Европа тоа се прави со создавање на „соодветна атмосфера“ кон бегалците од Украина (за децата бегалци имало места во градинките во Софија, а за локалните деца нема – еден чест стереотип), кај нас омразата се активираше во однос на бегалците од Блискиот исток.

Имено, иако војната во Сирија беше иницијална каписла за бегството на десетици и десетици милиони граѓани на оваа земја, своја вина несомнено има и присуството на руски воени единици на теренот (едно од најголемите злосторства е комплетната девастација на вториот по големи град во Сирија – Алепо, дело на генералот Суровикин), многу структури јавно ја обвинуваа власта дека гради цели населби за прием на бегалците и тоа во населбата Сарај, што секако се покажа како невистина: тоа беа станови наменети за наши социјални случаи.

Зошто пак Сарај? Во муабет со некои таксисти на темата за „инаквите и валканите“ ми се укажуваше како на патник дека изградбата на станови за Сиријците е дел од „омразата на рисјаните кон муслиманите“, бидејќи дојденците се туркаат во „нивниот Сарај“. Секогаш рускиот фактор во своето ширење на нестабилноста ја етаблира потребата на острење на меѓуетничките односи.

Споменатиот Савирис, односно неговите навивачи, секако опстојуваат во јаросување на омраза на солунчани кон македонизмот, додека од друга страна, Путин се пријавува на јавната сцена како човек кој укажува дека Климент и Наум, како создавачи на кирилицата, потекнуваат од Македонија. Колкумина од тие навивачи од Солун на Иван Савирис беа во толпата што го нападна градоначалникот Јанис Бутарис, кој даде придонес во затоплување на односите меѓу неговиот град и Скопје!? По овој немил настан, Бутарис одби да се кандидира повторно за лидерското место во локалната управа.

Агресивноста која се шири преку активирање на противречности во руската пропагандна активност е од нестереотипен модел.

И за и против вакцините, зависи од целта
Од анализата објавена во стручното списание на Американската асоцијација за јавно здравство (American Journal of Public Health – AJPH), може да се разбере како ботовите и руските тролови на Твитер промовираат содржини за здравјето преку Интернет. При ова истражување направена е споредба на собрани твитови кои идентификувани ботови ги објавиле на Интернет од јули 2014 до септември 2017 година. Тимот научници од универзитетите Џорџ Вашингтон, Мериленд и Џонс Хопкинс спровел статистичка анализа на содржините кои се промовирани преку хаштагови на Твитер поврзана со руската трол-активност, како поларизирачкиот #VaccinateUS.

извор Цивилмедиа