„Иницијативите како Отворен Балкан сметаме дека придонесуваат кон проширување и олеснување на достапноста на низа нови можности за младите. Цениме дека преку истите младите ќе добијат нови образовни, економски и културни привилегии со кои тие ќе се изградат во квалитетни личности кои понатаму ќе дадат ефективен придонес во општеството“ вели Анита Николовска од невладината организација „Младите можат“ за Трн.
Во разговорот за Трн, Николовска истакна дека оваа иницијатива е засилувач на регионалната соработка и поврзаност, а иако примарен фокус е ставен на економскиот раст и развој, иницијативите за организација на регионални младински размени, школи и фестивали претставуваат можност за младите од регионот.
Иницирана за унапредување на економската соработка и подобрување на односите во балканскиот регион, Иницијативата Отворен Балкан привлече внимание со нејзиниот потенцијал да им користи на младите преку границите. Со намалување на трговските бариери и олеснување на прекуграничната размена, оваа иницијатива создава поповрзана и поинклузивна средина за младите да учат, работат и дружат. Бидејќи земјава активно учествува во овој регионален потфат, нашите млади ќе имаат корист од зголемените можности за соработка, културна размена и проширени хоризонти.
Николовска во разговорот за Трн истакна дека нејзината организација, „Младите можат“, активно работи на три програми за подобрување на состојбата на младите во земјава.
„Имаме програма за ментално здравје чија цел е придонесе во градење пред се на свеста кај младите за грижата за своето ментално здравје, негување на позитивен пристап и практикување на ментална хигиена. Програмата се реализира преку два механизми и тоа програма за врсничка едукација за ментално здравје и програма за зајакнување на капацитетите на наставниот кадар и педагошките служби за промовирање на средина која го негува менталното здравје кај учениците“ објасни Николовска.
Таа исто така кажа дека „Младите можат“ имаат и програма за кариерно насочување, чија цел е да им помогне на младите во процесите на избор и градење на кариера како чекор за нивна вработливост и градење на финансиска и функционална независност.
„Повторно и оваа програма се реализира преку два механизми и тоа програма за кариерно насочува преку која се работи на директна поддршка на средношколците во креирање на кариерни планови и програма за зајакнување на капацитетите на наставниот кадар и нивна обука како кариерни советници“ кажа Николовска.
Конечно, тие имаат и програма за волонтеризам и активизам која во себе инкорпорира низа активности насочени кон директна работа на терен, мапирање на проблеми и предизвици, како и поттикнување на младински активизам и градење на вештини и капацитети на младите.
Во Македонија, невладините младински организации играат пресудна улога во зајакнувањето на младите луѓе и во одбраната на нивните каузи. Овие иницијативи обезбедуваат платформа за младите активно да се вклучат во социјални, културни и образовни проекти кои се однесуваат на критичните прашања кои влијаат на нивните животи. Со создавање можности за развој на вештини, обука за лидерство и вклучување на заедницата, овие организации ги негуваат лидерите на утрешниот ден и влеваат чувство на одговорност кај младите во Македонија.
Александра Тодоровиќ
извор Трн.мк