„Албанија и Северна Македонија имаат одлично заедничко патување кон европскиот сон за кој долго време сонуваа двата наши народи“.
Ова го вели во изјава за Фронтлајн аналитичарката за европски прашања од Тирана, Дориана Метолари, говорејќи за евентуалното разделување на патувањето кон Брисел на Тирана од Скопје, поради одбивањето на опозициската ВМРО-ДПМНЕ да гласаат за уставните измени.
„Албанија и Северна Македонија имаат одлично заедничко патување кон европскиот сон за кој долго време сонуваа двата наши народи. Солидарноста меѓу нашите земји е видлива. Ги имаме сите можности заедно да ја постигнеме оваа цел, бидејќи волјата и интересите на двете наши земји силно ги поддржува и самата Европска Унија“, изјави Метолари.
Таа вели дека партиите во Северна Македонија, власт и опозиција, мора да рефлектираaт, да ги изгласаат уставните измени и Скопје заедно со Тирана да го продолжи својот европски сон.
Мухамед Халили поранешен амбасадор и претседател на Советот на амбасадори вели дека согласно ЕУ регулативата, напредокот на една земја кон интеграциите се базира врз сопствена заслуга.
„Ако Албанија ги исполнува условите треба да оди напред. Во 2018 година Македонија ги исполнуваше условите и требаше да оди напред, но Емануел Макрон на барање на Еди Рама тоа не го дозволи. Главен услов според мене за Македонија да оди напред би требало да биде борбата против организираниот криминал, корупцијата и непотизмот, а не бугарското прашање. ЕУ не гледа остро на овие негативни појави само за да ги задоволи бугарските барања“, изјави за Фронтлајн, Мухамед Халили – поранешен амбасадор и претседател на Советот на амбасадори.
Според него, успехот на една земја во исполнување на ЕУ критериумите за владеење на правото и борбата против негативните појави не треба да е услов со неуспоехот или напредокот на политичката волја кај другата земја за успешно спроведени реформи.
За Северна Македонија да го продолжи евроатлантскиот пат без пречки заедно со Албанија, треба да гласа за уставните измени за воведување на бугарската заедница во Преамбулата. Сега кога се отстранети сите надворешни пречки, опозициската ВМРО-ДПМНЕ со своето противење да гласа за уставните измени е единствената пречка за патот на Северна Македонија кон ЕУ.
Дестан Јонузи
извор Фронтлајн.мк