Граѓаните од Лисиче не стувнуваат во гласноста и упорноста општина Аеродром да ги земе предвид нивните забелешки и мислења околу предлог Деталниот урбанистички план за Градската четврт ЈИ09, со кој се предвидуваат поголем број згради во нивните маала со што се загрозува нивното здравје, но и животната средина.

Организирани во иницијативата „Да го зачуваме Лисиче“, тие имаат поддршка од дел од советниците во општина Аеродром и тоа вкупно 12 гласа, наспроти 15 од страна на советниците на ВМРО.

„ Барањата стигнуваат до секторот за урбанизам на општината и таа е должна (во однос на анкетните листови) да одговори. А нивните барања кои се јавно објавени ги разгледавме и апсолутно ги поддржуваме“, изјави Милутин Ристевски, советник во општина Аеродром, кој смета дека реакциите на граѓаните се оправдани.

Општина Аеродром има обврска по завршувањето на јавната анкета да состави извештај во кој што ќе ги наведе сите барања и одговори на анкетните листови на граѓаните кои што учествувале во таа јавна анкета. Согласно тој извештај и она што го вети градоначалникот, потребно е да се направи нова јавна анкета со цел предлог измените кои се прифатени од страна на општината да бидат повторно доставени на увид на граѓаните. Пред да се стави на седница на општинскиот совет, како што налага законот, потребна е и согласност од министерството за транспорт и врски , која што согласност се однесува на тоа во делот дали се запазени сите чекори во законски предвидената постапка за усвојување на ДУП-от.

Под притисок на граѓанските протести, Општина Аеродром најави дека ќе прифати дел од забелешките на граѓаните и ќе подготви нов ДУП. Меѓутоа, според жителите на Лисиче ваквите најави се само обид за манипулација, бидејќи повеќе од два месеца чекаат одговор на забелешките од нивните анкетни листови. Молкот на општината им создава дополнителен револт и затоа најавуваат протести во текот на целото лето.

Околу тоа каков би бил исходот од овие протести и дали ќе успеат граѓаните во намерата да ја спречат бетонизацијата, Ристевски го сподели ставот со Трн:

„Одговорот на ова прашање е и ДА и НЕ, зависи од желбата на градоначалникот и од мнозинството во советот. Доколку градоначалникот има слух за забелешките на граѓаните ќе достави нов предлог ДУП кои што ќе ги вклучи клучните забечешки кои се однесуваат на деветте висококатници.

Ако општинската власт е одговорна власт граѓаните ќе бидат приоритет, а доказ дека тоа не е така е самиот факт што ваков криминален предлог ДУП беше доставен на јавна анкета и тоа јавната анкета беше спроведена во период од 30 март до 13 април во пресрет на велигденските празници очекувајќи дека во тоа време ќе привлече најмалку внимание. Дури моите стравувања се дека можеби следната јавна анкета доколку се одлучи да се организра може да биде во летниот период кога повеќето граѓани се на годишен одмор, што би било некоректно од страна на градоначалникот.

И ние како советничка група будно ќе го следиме процесот и доколку биде доставен предлог план или доколку биде отворена јавна анкета за време на летните одмори ќе се потрудиме тоа што е можно погласно да стигне до јавноста и што е можно повеќе граѓани да бидат информирани и да се јават на таа анкета“.

Додека го чекаме одговорот на општината дали има намера нешто да се промени и дали ќе излезе во пресрет на граѓаните го пренесуваме нивниот став од претходно: „​Населбата Лисиче ќе добие нов детален урбанистички план кој ќе биде во согласност со барањата на граѓаните. Општина Аеродром цврсто стои на ставот дека новата верзија на урбанистичкиот план која е во фаза на изработка ќе ги опфати најголемиот дел од забелешките на граѓаните, дадени преку јавната анкета и ќе реши голем дел од проблемите на граѓаните на овој дел од општина Аеродром. Општина Аеродром е во редовна и секојдневна комуникација со граѓаните. Како и досега во целост стоиме на располагање за сите граѓани кои на било каков начин сакаат да дадат своја конструктивна сугестија или забелешка во процесот на носење на деталниот урбанистички план“.

Но, за сега не е преземено ништо во правец на ова што го изнесуваат како став на општината. Инаку, со предложениот ДУП, Општина Аеродром планира да изгради девет згради во оваа населба, од кои една 12-катница и осум згради со по седум ката. Жителите на Лисиче уште пред да биде изгласан овој ДУП, односно додека беше во јавна расправа, поднесоа анкетни листови, а и преку 700 жители од засегнатите области потпишаа и петиција со која се противат на ваквиот план, кој неповратно ќе го промени изгледот на Лисиче.

Александра Тодоровиќ
извор Трн.мк