„Резолуцијата на Бундестагот има цел да го олесни процесот на усвојување на амандманите на Уставот преку еден вид давање гаранции дека германската дипломатија и држава нема да дозволат негирање на посебноста на македонскио идентитет јазик и култура во процесот на приклучување на Македонија кон ЕУ, но истовремено е порака кон Бугарија да не ја злоупотребува својата позиција како членка на ЕУ во тој процес“ изјави поранешниот амбасадор Ѓорѓи Спасов во изјава за Рацин.

Според него оваа позиција на германскиот Бундестаг може да влијае и врз бугарската политичка и културна елита за да го напушти со време негаторскиот став кон Македонија и да создаде услови за вистинско пријателство и развој на односите.

„Независно од тоа дали во посакуваниот рок ќе успее промената на Уставот, оваа Резолуција е охрабрување на граѓаните и на политичките сили во Македонија со поголема самодоверба да продолжат со сите реформи и промени за полноправно членство во ЕУ и став на кој македонската дипломатија и политика ќе може секогаш да се повикува. Таа е исто така од голема важност и за нашите граѓани кои работат во Германија и целата македонска дијаспора во светот во нивната битка за зачувување и за развој на македонскиот идентитет, јазик и култура“ потенцира поранешниот амбасадор Спасов.

Тој оценува дека резолуцијата е израз на еден цивилизациски чин од страна на Германија во одбрана на посебноста на македонскиот национален идентитет, јазик и култура од негирањата оки создаваат незадоволство во земјава.