ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот лидер Христијан Мицкоски го омекнаа првичниот тврд став и соопштија дека прифаќаат уставни измени за внесување на деловите од народите во Преамбулата, што ќе ги продолжи отворањето на поглавјата и преговорите на Македонија со ЕУ. Сепак се дообјаснија дека бараат одложено важење на уставните измени кога земјава ќе стане членка на европското семејство.

По тој повод „Локално“ контактираше со дел експертите кои учествува во работната група која ја предлог иницијативата за потребата од уставни измени. Од нив побаравме одговор и став на неколку прашања, меѓу кои и дали од правен аспект е можно вакво нешто како што вели опозицијата, односно промените во Уставот да бидат со одложено дејство, иако поинаку е наведено во преговарачката рамка. Поранешниот уставен судија и професор по уставно право, Бајрам Положани не информира дека од теоретски и емпириски аспект, можно е законски уставните измени да стапат на сила по одложен рок, ама не премногу долг рок.

-Сепак примената може да се определи да биде дури и после една година. Меѓутоа, во случајов нема никаква правна, па и политичка логика, стапувањето во сила, па и примената на измените (на Устав односно закон или било каков друг нормативен пропис) да се одложи на неопределен рок.

Како што истакнува, влезот во ЕУ не е определен како рок, дури и сега да отпочнат преговорите за полноправно членство.

-Уставните измени според нашиот Устав се прогласуваат со одлука, а самата постапка во Собранието од потребата за донесување, усвојување, прогласување и примена, е уредена и во Деловникот на Собранието. Според тоа, изјавата на господинот Мицкоски од уставно-правен аспект е неиздржлива, а од политички аспект е непримерена и како таква и несериозна за лидер од најголема парламентарна партија, макар и опозициска, оценува Положани.

Професорката на Меѓународниот Славјански Универзитет, Јагода Барџевска Митревска во разговор за нашата редакција вели дека ваквите ставови на опозицијата не враќаат назад од прговарачката рамка.

-Овие барања опозицијата можеше да ги иницира порано додека се разговараше за уставните измени. Во ваков геополитички период кога треба да се стабилизира Западен Балкан, мислам САД и ЕУ нема да го прифатат овој предлог. Опозицијата сака да си прави партиски маркетинг, а не државнички став, смета професорката.

Сето ова говори, како што вели Барџевска Митревска, за нивна желба за власт и се повикуваат на поддршката од народот, а не од поддршката на меѓународната заедница.

-Нема ништо страшно во уставните промени, доколку не поминат се враќаме назад за неколку години и можеме да влеземе во потешка преговарачка рамка. Треба да го искористеме моментот на владата во Бугарија која е со ротирачки мандат и се во состојба ова да го прифатат. Нивната реторика по однос на уставните измени во Македонија гледаме дека е тивка, што значи дека и Бугарија од страна на САД е веке послушна и овој процес го прифаќа, анализира професорката.

Со сличен став е и професорката на Правниот факултет „Јустинијан Први“, Ана Чупеска. Во разговор за „Локално“ објаснува дека преговарачката рамка е многу јасна и временски прецизна и мора сите политички чинители да се свесни за тоа и како што истакнува, тука простор за дополнителни нејзини толкувања.

-Уставните измени се врзани временски за Втората меѓувладина Конференција, заради одкочување на процесот за приемот на земјава во ЕУ. Исто така, нема апсолутно никаква потреба од додатни отежнувања на и така специфичната ситуација. Тоа што некој бара „одолговлекување“ фактички укажува дека содржината на уставните измени не е проблем и дека тие не претставуваат никаква пречка. Всушност, дека немаат никакви забелешки во однос на тоа, се друго е некаква тесногледа политичка калкулација, која мислам дека е неупатна , имајќи ја предвид ургентноста на моментот, укажува Чупеска.

Се сложува дека лидерската средба конечно ги придвижи позициите и на власта и на опозицијата и како што потенцира, тоа е за поздравување.

-Верувам дека нема да има ретерирање. Понудата на Ковачевски за пола од нивните министерски места и ставот на ДУИ за излегување од Влада е јасен знак дека волјата за продолжување на ЕУ интеграција е нивен приоритет, поточно на државата и дека е надпартиски интерес кој ги надминува дневнополитичките поентирања. Со ова, тие покажаа голема државна одговорност. Им честитам. Сите барања на ВМРО се прифатени, само за да продолжи процесот. Треба да сме свесни дека несмееме да си дозволиме уште една фаза на замрзнување на нашиот напредок кон ЕУ, затоа што ако ја испуштиме оваа шанса последиците ќе бидат лоши за земјава. Тоа јасно ни е дадено до знаење од сите меѓународни пријатели. Значи, мора да продолжиме понатаму без театар и без фемкање, порачува Чупеска.

На прашањето што очекува од широката Влада која би требало да се формира без ДУИ, професорката очекува од било која Влада, со или без ДУИ, максимална одговорност во однос на европската иднина на земјава.

-Тоа е стратешки интерес јасно дефиниран уште од стекнување на независноста во 90-тите. Тоа е вистинска одговорност за секој политичар. Сепак, тука, би сакала да нагласам дека оваа помлада генерација на ДУИевци , со ставот дека се спремни да ја напуштат Владата, само за да продолжи процесот, покажаа особено голема зрелост за државните интереси. И тоа треба да им се признае и да се поздрави, заклучува Чупеска.

Н.П.

извор Локално.мк