„Со усогласување на енергетските политики, современите енергетски технологии и мобилизирање на финансии, го отвораме патот за одржлива и просперитетна енергетска иднина која ги ублажува климатските промени, ја подобрува енергетската безбедност и го поттикнува економскиот раст“ изјави вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи во интервју за „Цивил“.

Тој додаде дека сите политики и мерки на Владата се фокусирани на изградба на нови капацитети на базна енергија и истовремено производство на енергија од обновливи извори.

„Во однос на производство на базна електрична енергија, при крај е процесот на евалуација на понудите за изградба на најголемиот извор од хидро капацитетите за проектот ‘Чебрен’, со проценета вредност на инвестиции од милијарда евра и предвиден капацитет на производство на базна енергија од 300 – 330MW“ изјави Битиќи.

Вицепремиерот додаде дека со зголемен интензитет растат јавните и приватни инвестиции во обновливи извори на енергија и кажа дека во последните 2 години во државата има инсталирано и ставено на мрежа повеќе од 207MW фотоволтаични централи.

„Регионалната конкурентност и поврзаност се клучни за развој на регионот, во поширока смисла на зборот. Во оваа насока покрај засилените инвестиции во патната инфраструктура, во последните пет години, засилено се работи и на енергетско поврзување, преку, изградба на интерконекторот со Албанија со кој ќе се комплетира Коридорот 8 за пренос на електрична енергија Исток – Запад, помеѓу Бугарија, Северна Македонија, Албанија и Италија“ рече Битиќи.

Тој додае дека Владата работи и на диверзификација на снабдувањето со природен гас, преку градење на интерконектор со Грција, преку кој ќе се обезбеди гас за идните генерации.