„Преку зголеменото производство на електрична енергија, го стабилизиравме енергетскиот систем во државата, ги заштитивме граѓаните од ценовните шокови, стопанството го поддржавме. Продолжуваме кон натамошно зајакнување на енергетскиот систем во државата преку зголемување на конкуренцијата на пазарот на електрична енергија“ рече вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи во интервју за „Цивил“.

Тој додаде дека овие напори се институционализираа преку отворањето на Националниот оператор на пазар за електрична енергија – МЕМО, со што понудата и побарувачката се либерализираа и добија на конкурентност.

„Преку берзата, домашниот пазар ќе се поврзе со европските и регионалните пазари на струја, што ќе биде во функција на зголемување на ефикасноста во задоволувањето на нашите енергетски потреби. Она што е важно за стопанството кое набавува струја од либерализираниот пазар е што добива пристап до стабилни извори на струја, односно достапноста до струја се зголемува, поради тоа што трговците нема да мораат да бараат енергија на странски пазари“ рече Битиќи.

Вицепремиерот рече дека со активно купување и продавање на електричната енергија на пазарот ден однапред, снабдувачите ќе може да побараат и платат електрична енергија денес, а да ја добијат следниот ден.

„Отворањето на берзата е само еден од многуте чекори кои ги преземаме во градењето на современ енергетски пазар во нашата земја кој ќе биде фокусиран на потребите на граѓаните и економијата, со можности за иден развој преку нови инвестиции во производствените капацитети од обновливи извори на енергија“ заклучи Битиќи.