„Ние како држава пред кризата увезувавме околу 30% од нашите потреби за електрична енергија, а сега со елдорадото во инвестирање во фотоволтаични и други извори на енергија увезуваме само 11% од вкупните наши потреби за електрична енергија“ рече вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи во интервју за „Цивил“.

Тој истакна дека додека опозицијата најавуваше дека цената на струјата ќе се зголемува и ќе имаме рестрикции, Владата успеа од октомври 2022 до март 2023 да го зголеми домашното производство за 45 отсто и да обезбеди сигурно и непрекинато снабдување со електрична енергија за сите граѓани.

„Постојат реални основи граѓаните од 1 јули повторно во своите домови да користат евтина струја во одреден временски интервал од 2 или 3 часа во текот на денот, во период кога имаат најголема потреба за задоволување на домашните потреби за струја, што ќе значи големо олеснување на семејниот буџет преку намалување на сметките за струја“ рече Битиќи.

Вицепремиерот додаде дека ова е возможно откако цените на електричната енергија како на регионално така и на локално ниво во изминативе месеци се стабилизираа.