Раководителот на Институтот за медиуми и аналитика ИМА, Петрит Сарачини, се обрати на конференцијата „Односи меѓу заедниците: Перцепции, надежи и стравови, предизвици и решенија“ во организација на ЦИВИЛ-Центар за Слобода, укажувајќи дека добрите односи меѓу заедниците се од витално значење за безбедноста и сигурноста: „Во мултиетничко, мултиконфесионално и мултикултурно општество како нашето, добрите односи меѓу заедниците се од витално значење за безбедноста и сигурноста, и се неопходни за функционирање и за развој и за иднината на земјата“.
Сарачини истакна дека мозаикот на различности е богатство, и дека е исклучително важен за опстанокот и развојот на земјата: „Ние немаме само диверзитет од аспект на етничката, верската, културната, припадноста на разни социјални групи, туку тој мозаик на различности којшто го третираме како богатство е исклучително важен воопшто за опстанокот на земјата и за нејзиниот иден развој“.
Сарачини посочи дека последниве неколку години земјава бележи напредок во човековите права и подобри односи меѓу заедниците: „Последниве неколку години можеме да констатираме дека генерално, земјава бележи напредок во човековите права и подобри односи меѓу заедниците, за што придонесуваат и придонесоа многу институции, на национално и на локално ниво, политички актери, граѓански организации и медиуми, а и самите граѓани…“ .
Тој зборуваше и за позитивните исчекори, но и за загрижувачките појави кои укажуваат дека почитувањето на принципите на еднаквост на граѓаните, почитувањето на различностите, и гледањето на нив како богатство, има сериозни противници во општеството, што е особено видливо во медиумите и во јавната комуникација.
„ИМА низ мониторингот и анализите што ги спроведе минатата година констатира повеќе случаи – особено за теми со меѓуетнички контекст, но и други теми кои ги поларизираат и влошуваат односите меѓу заедниците – констатира повеќе актери, разни актери, кои поттикнуваат поделби и поларизација, омраза и конфликти меѓу заедниците, кои честопати знаат да ескалираат и во насилство. Овие актери и наративи доаѓаат главно од политичките партии, и центри на моќ во земјава и надвор од неа. Противници на различностите и на концептот на мултикултурно, мултиконфесионално, мултиетничко општество, што се негува во нашата држава, има и во многу други области… нив ги гледаме и во медиумите и производителите на медиумски содржини, ги гледаме и во образованието и академијата, ги гледаме и во културата, ги гледаме во спортот, ги гледаме во речиси сите области кои учествуваат во јавниот живот и го формираат јавното мислење“, укажа Сарачини.
Сарачини наброи повеќе примери на дезинформации, пропаганда и поттикнување на говор на омраза со кои се служат одредени актери кои остваруваат лични или политички цели, како и на етноцентрични известувања во медиумите: „Имавме јавна комуникација која што дискриминира, поларизира врз родова основа, или врз припадност на одредено сексуално малцинство, имавме верски водачи, лидери кои што говорат стигматизирајќи ги жените или припадниците на ЛГБТИ заедницата“.
Освен тоа, тој укажа дека во дел институциите има политичка волја и сериозен ангажман на политиките кои водат кон идеалот „Едно општество за сите“, но предупреди и на постојните институционални отпори. „…Во институциите и внатре во администрацијата има сериозни отпори, и раководители и делови од пониските ешалони на администрацијата, коишто не го чувствуваат овој концепт за свој, или ги застапуваат политичките идеи и концепти на нивните политички партии, кои што ги делегирале или вработиле во јавната администрација, за кои што концептот на „Едно општество за сите“ е опасност бидејќи допира до суштината на нивно постоење. Ако се реализира тој концепт, тогаш голем дел од политиките на тие политички опции ќе паднат во вода, а тоа се политики кои што се базираат на етноцентризам и етнонационализам“, оцени Сарачини.
Според него, политичките партии, како главни производители на дискурсот на поделби и на поларизацијата, сносат голема вина, но имаат и голем потенцијал да ја сменат сликата: „Имаме политички партии во земјава, коишто продуцираат постојано наративи на поделба, наративи на етнонационализам… Кога сакаат, политичките партии како со копче можат да ги угасат овие наративи на поделби и да продуцираат еден поконструктивен дискурс“, смета Сарачини.
Исто така, Сарачини потенцираше дека голем дел од граѓаните имаат чувство на разочарување и сметаат дека правдата не е еднаква за сите: „Правда и еднаквост мора да има секаде и за секого. Голем дел од граѓаните имаат чувство на разочарување и сметаат дека правдата не е еднаква за сите.“
„Институциите треба да бидат поконзистентни во спроведувањето на Стратегијата за едно општество, односно, за мултикултурализам и интеркултурализам“, укажа тој, споделувајќи го чувството дека стратегијата не е дел од приоритетите, како што беше пред неколку години.
„Треба поконзистентно и поефикасно справување со дезинформациите и говорот на омраза, коишто сериозно влијаат во јавната комуникација и ги нарушуваат односите меѓу заедниците“ – поентираше Сарачини, апелирајќи на стратешки пристап во борбата против дезинформациите и говорот на омраза од сите чинители.
извор СМК.мк