САНДРА ГАВРИЛОВСКА

По воведување на политичкиот плурализам (во 1989 година), до сега во Македонија се одржани пет регуларни парламентарни избори (во 1990, 1994, 1998 2014 и 2016 година) и пет предвремени парламентарни избори (во 2008, 2011, 2014, 2016 и 2020 година).

Последна причина за донесување на одлука за одржување на предвремените парламентарни избори во 2020 година беше недобивање на согласност за почеток на преговорите за членство на Македонија во Европската унија.

Предвремени парламентани избори во контекст на евроинтеграциите

Сега, во фаза од скрининг процесот за пристапување на Северна Македонија во Европската унија, барањето на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за итни и брзи предвремени парламентарни избори, се заснова на економската и енергетската криза, животниот стандард, па дури и битката со организираниот криминал и корупција (и тоа, во услови кога сеуште не е расчистен криминалот и корупцијата на актуелната опозиција, како претходна власт!?).

Меѓутоа, потребата од уставни измени, пред сè, заради реализација на европската интеграција на државата, евентуално може да биде претпоставена причина за одржување на предвремени парламентарни избори во 2023 година.

Всушност, ЕУ членството и пристапувањето на Република Северна Македонија кон Европската унија подразбираат Собрание кое ќе обезбеди двотретинско (2/3) мнозинство за измена на Уставот, во смисла на внесување на Бугарите во Преамбулата на македонскиот устав.

Тоа пак, подразбира постоење на политичко и меѓуетничко единство за влез на Северна Македонија како полноправна членка во Европската унија, односно зацврстување на стабилноста на владејачкото мнозинство, како и евентуално проширување на владината коалиција.

Притоа, треба да се има во предвид и неефикасната работа на сегашното Собрание, пред сè, поради неконструктивниот однос на опозицијата, но и поради непостојаното владејачко мнозинство.

Оттука, сите опции за зацврстување и проширување на владината коалиција или за вклучување на опозицијата во работата на Собранието, а со тоа и во процесот на европската интеграција на државата, имаат многу поголемо значење, отколку предвремените парламентарни избори.

Тоа е решение за неефикасната работа на сегашното Собрание, предизвикана поради неконструктивниот однос на опозицијата, но и поради непостојаното владејачко мнозинство, а не предвремени парламентарни избори.

Исто така, во услови на општествено–политички и економски предизвици и кризи, без предвиден буџет на Државната изборна комисија за предвремени парламентарни избори, не постои никаква, а најмалку реална, потреба за одржување на предвремени парламентарни избори, особено од аспект на предизвикување на дополнителни трошоци и пореметувања на, и онака, кревкиот систем.

Изборни реформи

Секако, од особено значење за одржување на следните парламентарни избори, било редовни или предвремени, се и изборните реформите, во смисла на (1) бројот на изборни единици, (2) видовите листи на кандидати за пратеници, (3) гласањето во странство и (4) регистрација на гласачите.

Идејата за трансформирање на постојните шест изборни единици во една изборна единица, од една страна, овозможува повеќе партии да влезат во Собранието, а притоа да се сведе на минимум ризикот од блокирање на работата на Собранието и да се обезбеди негово ефективно функционирање, но од друга страна,  може да доведе до послаба територијална застапеност и да ја ослаби врската меѓу гласачите и нивните претставници.

Притоа, овој систем, односно моделот на една изборна единица со себе ја носи дилемата за изборниот праг – без или со минимален број гласови што партиите треба да ги добијат за да освојат едно пратеничко место.

Исто така, со моделот на една изборна единица, би се дала можност за влез на помалите партии во Собранието, без да мораат истите да влегуваат во коалиција со некоја од поголемите партии.

Воведувањето, пак, на отворени кандидатски листи за пратеници, се сведува на ризик од внатрепартиски конфликт поради зголемена конкуренција меѓу кандидатите од иста политичка партија, но би придонело кон намалување на партиската централизираност и намалување на моќта на партиските лидери, како и кон изборен систем што ги поттикнува избраните пратеници да бидат поодговорни пред својот електорат, со што се зајакнуваат отчетноста и квалитетот на законодавната власт.

Реформите во врска со уставно загарантираното право за гласање на нерезидентното население во странство, се сведува на намалување на максималниот број пратеници кои можат да се изберат да ја застапуваат дијаспората, и тоа од еден до три пратеника.

На крај, со задолжителна активна регистрација на гласачите, што би значело обврска за гласачите сами да се пријават за гласање, би се зголемила довербата во изборите, за што е потребно претходно враќање на довербата кај граѓаните, во институциите и технологијата што ја користат.


Текстот е личен став на Авторката. Дозволено е преземање на текстот според лиценцата Creative Commons 4.0| Извор: CIVIL Media