ЦИВИЛ – Центар за слобода изразува крајна загриженост и сочувство по трагичните настани во Србија.

Во само два дена, во два одделни трагични инциденти, животот го загубија 17, а ранети се 20 лица во Србија – од огнено оружје. Во мирнодопски услови! На 4 мај, со автоматско оружје, 21-годишниот Урош Б. уби осум, и рани 13 луѓе во селото Дубона кај Младеновац. На 3 мај во Србија, 13-годишен ученик од седмо одделение со пиштол уби осум свои школски другар(к)и и член од обезбедувањето, а шест ученици и една наставничка по историја се тешко повредени и сè уште се во болница.

Живееме во свет во кој насилството и култот кон оружјето се поттикнати, пред сè, од медиумите и индустријата за филм и видео игри, како и од крајно несоодветните политики за заштита на децата и младите од оваа болест на современото општество. Воедно, не смее да се занемари трагичниот факт дека оруженото насилство е овозможено токму од распространетоста и достапноста на огненото оружје.

Како организација ветеран во меѓународните движења и организации за борба против оружјето и оруженото насилство, нелегалната трговија и култот кон оружјето, ЦИВИЛ уште еднаш ги алармира јавноста и институциите и ги повикува на сеопфатна акција за превенција од вакви трагични насилни инциденти.

Ова е време кога целото општество е повикано да преземе итни и решителни чекори да му застане на патот на оружјето и да го напушти култот кон оружјето кој е длабоко вткаен во балканските општества.

Долга е низата на предизвици поврзани со оружјето на Балканот, но тоа мора да биде причина повеќе за итна и сеопфатна акција на национално и регионално ниво. Политичарите, институциите, медиумите и јавноста мора да престанат да покажуваат со прст кон другите и да ја префрлуваат одговорноста едни на други, туку да почнат со осовременување и спроведување на постојните планови и програми.

Повеќе од две децении, ЦИВИЛ речиси секоја година упатува препораки за борба против нелегалното оружје, против култот кон оружјето и контролата на регистрираното оружје. Слични организации во регионот, вклучително и во Србија, се обидуваат да учествуваат во процесите поврзани со контролата на оружјето, што е глобален повеќедецениски напор на меѓународните мрежи во кои се и споменатите организации.

Сепак, како на Балканот, така и во светот, успехот на овие движења и организации не е голем, особено затоа што култот кон оружјето е поттикнат и од политичките и од лоби структурите кои на различни начини профитираат од распространувањето на оружјето.

Култот кон оружјето е застрашувачки присутен во секоја пора на балканските општества, а напорите да се искорени се исклучително мали, ако воопшто ги има. Затоа, ЦИВИЛ повикува на будење!

Родителите, медиумите, образовните и социјалните установи, граѓанските организации, безбедносните, политичките и законодавните структури, стопанските, спортските и низа други ентитети имаат и можност и обврска да се справуваат со култот кон оружјето.

Законската регулатива, како за санкционирање и искоренување на нелегалната трговија, така и со контрола на легалното оружје, мора постојано да се зајакнува, а имплементацијата не смее да биде кампањска, недоследна и нецелосна. Потребно е целиот систем да се ангажира во изнаоѓање ефикасни и трајни решенија за максимално ограничување на протокот на оружјето и неговата пожелност во било која област на животот.

Тоа се само дел од препораките што ЦИВИЛ ги упатува до јавноста и до институциите со години наназад. Време е тие препораки да бидат и слушнати!

ЦИВИЛ