Мониторинг тимот на ЦИВИЛ, кој континуирано ги следи дезинформациите и пропагандата во медиумите и на социјалните мрежи, бележи дека се користат исти профили кои се постојано во акција – објавуваат статуси и линкови или коментираат со години наназад. Во нивните објави и коментари може да се најде сè: чисти лаги, манипулации, дезинформации, клевети, пропагандни пораки, теории на заговорот, говор на омразата по етнички, верски, расни, родови и политички основи…

Онлајн насилниците нескриено изразуваат восхитување од воени злосторства и се впуштаат во бескрајно величање на криминалци и воени злосторници.

Се служат со пцовки и крајно вулгарни изрази.

Редовно упатуваат закани со егзекуција и повици на насилство и војна.

Најчесто сето тоа се пласира отворено и директно, но и прикриено, преку емотиконите хе-хе, со грубо и навредливо подбивање или со линкови до содржини во медиумите или социјалните мрежи во кои најчесто има дезинформации, пропаганда и говор на омразата.

Сите заедно се дел од агресивната трол машинерија чија цел е да дискредитира и заплашува.

Во повеќе случаи, поддржувачи на ЦИВИЛ пријавуваат дека добиваат приватни пораки со навреди и закани доколку изразат поддршка со лајк, споделување или позитивен коментар.

Ова е неприфатливо однесување кое во голем број случаи е и во судир со законите, вклучително и Кривичниот законик, со кои се регулираат содржините во јавната комуникација.

Мотивите за ваквото дејствување се јасни, а целата операција е според сценаријата за спроведување пропаганда нарачани, одобрени и финансирани од Кремљ.

ЦИВИЛ го спушта прагот на толеранција за троловите, онлајн насилниците и малициозните профили на социјалните мрежи.

Раководството и Мониторинг тимот на ЦИВИЛ, заедно со Интегрираната редакција на ЦИВИЛ Медиа донесоа одлука да ги заострат правилата за администрирање на профилите на Организацијата на социјалните мрежи. Со тие правила, Организацијата, всушност, само построго се придржува кон постојните правила за администрација на социјалните профили. Мерките што ги преземаат тимовите на ЦИВИЛ се: архивирање, пријавување и блокирање на профилите преку кои се водат пропагандните кампањи.

ЦИВИЛ останува отворен за критики и поинакво мислење. Доказ за тоа е и рубриката Слободна зона во која се објавуваат колумни и анализи со кои Организацијата може и да не се согласува. Повеќе од една деценија, ЦИВИЛ создава и негува простор за општествен и политички дијалог и натпревар на идеи и ставови. Секој може да испрати став до Редакцијата и, доколку е аргументиран и ги задоволува основните стандарди, може да очекува објавување и почит кон искажаното и напишаното. Но омраза, дезинформации, клевети, навреди и закани – не се толерираат.

Организацијата им изразува длабока благодарност на сите што ја поддржуваат.

ЦИВИЛ