ЗОРАН ИВАНОВ

Не било до рамката, сега е до суетата. Не биле прашани.

На темава Француска рамка и уставни промени, својата доскорешна тврдокорна и демагошка реторика ВМРО- ДПМНЕ деновиве ја врти за сто и осумдесет.

Од неартикулираните драња, свирежи и трескања по собраниските клупи пред европејката Урсула, на темата омекнаа како бело лепче штотуку извлечено од врела фурна. Им стишаа лавовските крикови и им се сведоа на мачешки предења.

А нели прво онака воинствено во нивниот автентичен партиски стил ќе го отфрлаа Францускиот. Па малку омекнаа па ќе го менуваа. Па потоа уште малку омекнаа па ќе го редуцираа. Па уште повеќе омекнаа па ќе го адаптираа. И, еве, кога деновиве странците малку посилно ги стиснаа по слепоочниците, кога им ја приклештија клучната, издишаа.

Си ја променија реториката па од отфикарување на францускиот, преку силењето за нов договор што, нели, ќе го изнудеа од меѓународната, од Брисел и Париз, од Вашингтон и Софија, од завчера и вчера ниту урлања, ниту тропања.

На темата им стивнаа популистичката бучава па веќе не им се слуша глас ниту за нова рамка ниту за бутур. Ниту за првото, за отфрлањето, ниту за второто, за менувањето.

И сега со кој образ за маниупулациите дури и пред своите симпатизери или тоа прво треба да се има.

Ете тоа е таа партиска мантра. Наместо политичка конзистентност и партиска прагма, целата битка пак им се сведе на ним својствениот неефективен популизам и лажен патриотизам.

Партискиот пат од лав до домашно маче, од собраниско урлање пред Урсула, преку инаетење со меѓународната, стасаа до пелтечење дека за рамката француска не биле прашани.

Нејсе, хир или партиски дилетантизам, сеедно, сега ајде сите накај Брисел!                                              


Текстот е личен став на Авторот. Дозволено е преземање на текстот според лиценцата Creative Commons 4.0. | Извор: CivilMedia