пишува ЏАБИР ДЕРАЛА

Истиот ден беа познати името и презимето на наставничката што беше приведена во полициската акција во Скопје во која беа запленети дрога, оружје и пари, и беше откриена лабораторија за производство на амфетамини. Децата од другите училишта, ги наслушнаа своите родители дома и наставниците на училиште и веќе до вечерта имаа едно чудо приказни за овој настан. Со брзина на хиперсонична ракета дознавме разни работи за наставничката – предметот кој го предава, нејзината возраст, начинот на облекување и шминкање, која „партија ја вработила“… Не е важно дали сето тоа е вистина или не, важно е дека „се знае“.

Тоа што „го дознава чаршијата“ не може да го побие ниту една наука, ниту една проверка на факти, ниту логиката и здравиот разум. А тоа што „го дознава чаршијата“ или доаѓа од медиумите, или се реплицира и се дува како балон во медиумите. Нема крај.

Утрово читам за наставник во прилепско училиште, приведен за дрога. Името и презимето до вечерва ќе стаса во сечиј дом. И сите детали, но и сите теории на заговор. И сето тоа ќе го дознаат децата. Поточно, ќе бидат носителите на овие информации.

Наместо да ги заштитиме децата, тие се претворени во антени за прием и дистрибуција на информации и дезинформации, предрасуди, теории на заговорот…

Уште пострашно: Сите наставници сега се дилери на дрога во очите на оваа сеирџиска, конзервативна чаршија која претендира да биде јавност.

Во мрачниот бизнис на наркомафијата се заплеткани огромен број луѓе. Таа ја распостила својата мрежа насекаде и ги користи слабостите на луѓето и ги креира нивните судбини. Нивната организација е грамадна пирамида од моќ, влијанија и црни пари. Најдолу на таа пирамида се дилерите. Тоа се луѓе што ги среќаваме насекаде. Голем број од нив се и корисници на различни видови дроги – од рекреативни (легализирани во голем број држави) до тешки дроги кои го уништуваат животот и заедниците.

И дилери и корисници има меѓу луѓето во сите професии. Ги има и меѓу лекарите, полицајците, новинарите, граѓанските активисти, политичарите (!)… Но дали сите лекари, полицајци, новинари (итн.) ќе ги прогласиме за дилери на дрога?

Зошто е шок затоа што дилери се нашле и во просветата? Затоа што имаат непосреден и секојдневен контакт со децата?

Да, тоа е во најмала мера, загрижувачки. Да, растревожува и шокира. Има многу такви прашања и одговорот на сите нив може да биде потврден.

Но никој не го поставува прашањето како дошло до тоа? Какви животни околности ги довеле до тоа да се вклучат во овој мрачен бизнис? Дали се во опасност тие и нивните семејства? Што ќе се случи со нив, ако биде докажана нивната вина? Дали, откако ќе отслужат затворска казна, ќе имаат нормален живот или ќе бидат засекогаш упропастени? А што ќе се случи со нив ако соработуваат со истрагата? Дали, откако се отфрлени и експресно осудени од јавноста, ќе ѝ се вратат на мафијата која „нежно“ ќе ги прими во својата прегратка? Бидејќи, за пресумпција на невиност не можеме да говориме во овој случај, како ни во безброј други случаи од хипер популарната „Црна хроника“.

Јавноста го откри идентитетот на приведените наставници и брзопотезно ги подложи на линч. Како и секогаш, во секој случај од рубриката „Црна хроника“, медиумите се тркаат во потхранување на теориите на заговорот и ја потпалуваат жедта за крв и јавен линч.


Текстот е личен став на Авторот. Дозволено е преземање на текстот според лиценцата Creative Commons 4.0. | Извор: CivilMedia