Средбата на лидерите на Србија и Косово (Охрид, 18 март 2023) е регионален и европски настан од највисок ранг, на која се решава едно од најгорливите прашања во регионот и пошироко. Разговараме со Марјан Забрчанец, Национален координатор за Отворен Балкан и за регионални иницијативи, за значењето на овој настан, како и за улогата на нашата земја во овој и во поширок контекст.

„Вредностите на мирот и стабилноста најдобро се осознаваат кога тие се загрозени. Пред нашите очи се случува руска воена агресија врз суверената Украина, како и антидемократски хибридни напади врз територијата на Западен Балкан. Во вакви, услови, нема поважно нешто од наше повторно исправање пред предизвиците и наше повторно одговорно однесување во сопствено име, но и во име на регионот“, изјави Забрчанец за ЦИВИЛ Медиа.

Според Забрчанец, очигледно е дека меѓународната заедница, а и нашите соседи Србија и Косово го препознаваат нашиот перформанс во градењето мир и соработка на Балканот. „Како земја, како народ и како Влада, треба да сме горди што сме препознаени како платформа која може да придонесе кон трајни мировни решенија кои регионот го носат напред“, додава Националниот координатор, Забрчанец.

(архива) Забрчанец на конференцијата на ЦИВИЛ за мултикултурализам, декември, 2022 (фото извор: ЦИВИЛ)

Кое е значењето на средбата Вучиќ-Курти во Охрид, воопшто и во контекст на процесите за унапредување на регионалната соработка во регионот на Западен Балкан?

ЗАБРЧАНЕЦ: Средбата на лидерите на Србија и Косово има огромна важност од две причини. Прво, целта е да се реши едно од двете најголеми отворени прашања на Балканот. И второ, се случува во крајно специфичен временски момент и контекст, кога светот е под закана на руските воени и хибридни агресии насочени кон европските земји и кон земјите членки или аспиранти за членство во НАТО.

Без разлика на исходот од утрешните охридски преговори, напорите кои ги вложуваат двете преговарачки страни, посветеноста на ЕУ и САД во барање решение и поддршката која ја даваме и ние како држава и целиот регион, покажуваат одговорност и посветеност кон мир и стабилност во моменти кога безбедноста е загрозена на глобално ниво. Верувам дека утрешната средба во Охрид е голема инвестиција во мирот на Балканот и во забрзување на нашиот заеднички европски напредок.

Не е првпат во нашата земја да се одржуваат значајни средби и да се потпишуваат значајни спогодби што се однесуваат и на горливи регионални прашања. Што значи тоа за нашата земја?

ЗАБРЧАНЕЦ: Ние, и како држава, и како општество, во неколку наврати демонстриравме одговорност пред внатрешните политички предизвици, но и во однос на отворените прашања со соседите.

Зад нас имаме два сериозни договори, Рамковниот и Преспанскиот, со кои обезбедивме траен мир и трајна интеграција на нашата земја во правец кон демократскиот свет. Иако со повеќе предизвици, на наше тло и во корист на европската перспектива на Балканот го склучивме и Договорот за соработка и пријателство со Бугарија, за чие обележување како успешен ни преостануваат уште неколку чекори за кои сум уверен дека се достижни и дека не повредуваат никого.

(архива) Забрчанец на конференција на ЦИВИЛ за борбата против дезинформациите и хибридните закани, јуни, 2021 година (фото извор: ЦИВИЛ)

Кои се перспективите на регионалната соработка и која е улогата и значењето на Северна Македонија во тој контекст?

Очигледно е дека меѓународната заедница, а и нашите соседи Србија и Косово го препознаваат нашиот перформанс во градењето мир и соработка на Балканот. Како земја, како народ и како Влада, треба да сме горди што сме препознаени како платформа која може да придонесе кон трајни мировни решенија кои регионот го носат напред.

Наша одговорност е да продолжиме во таа насока, да работиме дома на одржување на мнозинството кое ја води земјата напред, да ги негуваме и унапредуваме односите со соседите уште повеќе, а предизвикот во односите со Бугарија да остане приоритет за решавање во најбрз можен рок.

Вредностите на мирот и стабилноста најдобро се осознаваат кога тие се загрозени. Пред нашите очи се случува руска воена агресија врз суверената Украина, како и антидемократски хибридни напади врз територијата на Западен Балкан. Во вакви, услови, нема поважно нешто од наше повторно исправање пред предизвиците и наше повторно одговорно однесување во сопствено име, но и во име на регионот.

Нашата улога во рамки на регионалните иницијативи за соработка како што се Отворен Балкан или Берлинскиот процес е суштинска и лидерска, имајќи предвид дека заедно со Албанија веројатно сме двете држави со најмалку отворени прашања во Западен Балкан, било домашни било со соседите. Ние имаме и право и обврска да ги интензивираме односите со соседите од регионот и тоа го правиме интензивно со различните проекти и иницијативи. Тоа е наша задача пред се заради економските перспективи, заради полесна мобилност на граѓаните и компаниите и заради обезбедување силна економска динамика во рамки на Западен Балкан и на релација Западен Балкан – ЕУ – САД, што е гаранција за повисоки стандарди и подобар живот на нашите народи.


Дозволено е преземање на текстот според лиценцата Creative Commons 4.0. | Извор: CivilMedia