ДРАГАН МИШЕВ

Се чини дека лидерот на опозициската ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски сепак беше во право кога тврдеше дека се врши притисок врз одредени пратеници во Собранието.  Само што притисокот не бил од страна на владејачкиот мнозинство, туку токму од неговата, веќе шеста години опозициска партија.

Како прилог кон ова тврдење е неодамнешното напуштање на владејачката коалиција од големиот вљубеник во владини коалици, од било која страна и да доаѓаат. Како Павле Трајанов, токму сега, кога се создава новото владино мнозинство, реши да го послуша вечниот опозиционер и да прејде на темната, пардон, губитничката страна во креирањето на евро-иднината на земјата?

Со што тоа Мицкоски го задолжи Павле да му стане послушник, иако и досега, седејќи на две столци, човекот – партија добро ја играше улогата доделена од Мицко да биде клин во погонските тркала на европскиот воз. И самиот Трајанов имаше изјава дека додека бил во предходната владејачка коалиција предводена од ВМРО – ДПМНЕ, потпишувал меници како доказ на верност.

Кон крајот на јануари, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски објави скандал во кој главен актер е токму партијата на Трајанов, Демократскиот Сојуз и нејзиното најтесно раководство.

Зошто токму сега се „обелоденува“ оваа афера? Ја чувале ли вмровците во фиоките од бироата од махагони во барокните канцеларии во (дивоградбата) Белиот дворец  за не дај боже, свесни дека кога тогаш ќе ја употребат.

Стоилковски на прес обвини дека ЈП Паркинзи било претворено во своевиден штаб на Демократскиот Сојуз, со тоа што службени возила, телефони и простории биле на дофат на партијата. Сето тоа наведува на сомнителни криминогени зделки.

Стоилковски ги посочи имињата на блиски соработници на Павле, Борче Јакимовски доскорешен директор на претпријатието и член на претседателството на Демократскиот Сојуз и Владимир Кроневски, член на претседателството на Демократскиот Сојуз, воедно помошник директор на јавното претпријатие, во чие време се ослободувани од плаќања стотина автомобили на функционери.

Дали со ова обвинување Стоилковски само го потсети Трајанов дека доспеале обврските од потпишаната меница во времето на Пастирот, и дека доколку не прифати да игра по нотите од Белата палата, ова нема да биде последниот прес на ДПМНЕ во кое ќе ги обелоденат аферите на Павле и соработниците.

(Конечното) преоѓање на единствениот пратеник од ДС во опозиција, не само што не предизвика тектонски промени во Владината коалиција, тука беше поздравено од демократското општество во Северна Македонија, кое го прифати со олеснување, што овој приврзок на Власта со големи апетити нема да биде дел од Власта.

Путуј Павле.


Текстот е личен став на Авторот. Дозволено е преземање на текстот според лиценцата Creative Commons 4.0. | Извор: CivilMedia