Пишува: СОЊА ТАНЕСКА

Според директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски, нецелосното функционирање на Блок 1 од РЕК Битола и честите испади се должат на тоа што овој блок не е ремонтиран, а причина за тоа е раскинатиот договор за ремонт со германска компанија со која во моментот Северна Македонија е на арбитражен суд во Париз.

Ова може нашата земја да ја чини 28 милиони евра, сума која ја бара германската компанија, но според Ковачевски тим од адвокати прави напори сумата за отштета да биде помала.

„Договорот е склучен во 2012 година е раскинат во 2016 година, од страна на тогашното раководство на ЕСМ. По тој договор е направен ремонт на блоковите 2 и 3. Според образложението за раскинувањето на договорот, тој еднострано е раскинат од ЕСМ затоа што не биле добри перформансите на извршениот ремонт на блоковите 2 и 3, нешто што не е врзано со Блок 1. Ако веќе се барала одговорност, согласно договорот, требало да се бара токму за тие блокови, а не да се раскине. Германската компанија понудила спогодба за помирување неколку пати, но тоа не е постигнато“, појасни Ковачевски.

На новинарско прашање дали ќе се бара одговорност од тогашното раководство на компанијата, кога директор бил Христијан Мицкоски, и штетата што ја предизвикало ова раскинување, Ковачевски вели дека прво ќе се чека конечната сума од судскиот процес, а потоа секако ќе се бара законска одговорност за оваа донесена одлука.

„Деловите за ремонт на овој Блок веќе ѝ биле донесени во државата и денес може да ги забележите во дворовите на некои од компаниите во Битола, а ние досега и не сме увиделе проблеми во пракса во однос на ремонтите што се направени со двата блока“, додава Ковачевски.

Кога Македонија во 2012 година се задолжи со кредити за да ја плати инвестицијата од 80 милиони евра за модернизација на котлите во РЕК Битола, раководството на ЕСМ и тогашниот вицепремиер за финансии, Зоран Ставревски, објаснија дека оваа инвестиција е нужна во енергетскиот сектор. Ја ангажираа германската компанија „Бабкок Борсиг“, која што требаше да ја изведе модернизацијата, а сето ова се правеше за да може котлите, со помалку јаглен, да обезбедат поголема моќност, а истовремено да ја намалат потрошувачката на мазут во процесот на производство.

По пет години, Македонија увезуваше струја повеќе од било кога, блоковите работеа со постојани прекини и испади, модернизираните блокови произведуваа помалку струја и користеа повеќе мазут.

Реконструкција врз база на погрешни параметри

ЕСМ во 2016 година, кога беше и раскинат договорот, кога на чело беше Мицкоски, тогаш обвинуваше дека компанијата изведувач не си ги исполнила обврските, но извори во РЕК Битола и извори меѓу луѓето кои работеле директно на реконструкцијата, тогаш во медиумите предупредуваа дека работите со модернизацијата на котлите во РЕК Битола тргнала наопаку уште на почетокот, односно тогаш кога од ЕСМ на Германците им дале погрешни податоци за употребата на јаглен, па наместо да имаме поголемо производство на струја, секоја година тоа опаѓа.

Според информациите, во 2012 година е извршена ревитализација на котел од Блок 3, наредната 2013 и на Блок 2. Изведувачот имаше обврска да ги ревитализира котлите како би произведувале 700 тони пареа (претворено во енергија 235 MW) со калорична вредност на јагленот од околу 1.600 кило калории без додаток на мазут за загревање. Но оваа калорична вредност на јаглен ја нема во рудата која доаѓа од рудниците, со што и самите изведувачи не можат да го докажат капацитетот на изработката. На Блок 2 на кратко успеаја да ги постигнат бараните параметри но со јаглен со бараната калоричност, додека на Блок 3 не е докажано. Токму заради ваквиот спор, стопирана е ревитализацијата на котел од Блок 1“.

Додека ова се случуваше, паралелно се одржуваа партиски прес конференции на кои што тогашната власт се фалеше дека е власт со најголеми инвестиции во енергетиката. Но сите статистички податоци од Регулаторната комисија за енергетика укажуваат на тоа дека од 2006 година наваму, производството на струја паѓа во драматични размери.

Овој зафат нашата земја ја чинеше вкупно 60 милиони евра, а заедно со првиот блок, инвестицијата ќе чинеше 85,6 милиони евра.


Дозволено е преземање на текстот според лиценцата Creative Commons 4.0. | Извор: CivilMedia