Македонија дефинитивно оди во вистинска насока одбирајќи го патот кон ЕУ смета Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.
Во интервју за Фронтлајн, Битиќи со задоволство говори за постигнувањата на Владата во последниот период. Тоа го припишува на ветувањата што како партија ги доставиле до граѓаните во предизборната кампања.
„Ветивме зголемување на минималната плата и тоа го испорачавме. А во 2024 година ќе биде поголема и ќе биде 20.000 денари. Просечната плата уште сега е 33.200 денари, една година и половина пред завршувањето на мандатот и порано од ветеното, зголемени пензии за десет проценти за една година и уште 6-7 во наредната година во март, и она што досега не сме го објавиле е дека над 35.000 пензионери ги извлековме од прагот на сиромаштија и добиваат пензии повисоки од 14.000 денари и сето тоа за една година. Е тоа е успех“, вели Битиќи.
Вицепремиерот Битиќи потсети дека Владата обезбеди струја и покрај енергетска криза и наспроти сите сомнежи дека ќе нема да можат да испорачаат.
„Осигуравме електрична енергија, осигуравме топлинска енергија за цел град Скопје, не дозволувајќи граѓаните да останат со студени радијатори. И она што е многу важно, им го олеснивме на сите граѓани товарот на скапата струја да не паден врз нив, туку ги субвенционираме. Секој граѓанин во државата, еден милион осумстотини триесет и шест илјади попишани наши сограѓани добиваат по 6.800 денари за 2022 година или по 21.000 по семејство субвенционирана струја. Некој ќе рече зошто не е по 1.000 евра, затоа што таква е нашата структура толку е нашиот фискален капацитет“, потсетува Битиќи.
Но не беа заборавени и компаниите, вели Фатмир Битиќи. За само три години биле подржани 600 компании, домашни и странски.
„Се сеќавате ли дека до пред само шест години, до 2016 година имаше роуд шоуа низ целиот свет (од Владата на Груевски), а само вкупно 15 беа донесени во државата, но за тоа беа потрошени 250 милиони евра. Ние со нула трошоци за промоција, во овој момент имаме 630 компании кои ги поддржуваме, 97 проценти македонски и 3 проценти странски. Така се сака татковината, тоа е она што треба да го прави една власт“ споредува Битиќи.
На забелешката дали прават компромис како Влада меѓу задоволување на потребите на компаниите и на работниците, Битиќи изрично вели:
„Ние ги поддржуваме компаниите за да генерираат нови работни места и подобро платени работни места. Ние не правиме компромис меѓу бизнисот и работниците. Ние сме социјалдемократска Влада, за нас животниот стандард на работниците е на прво место“.
Тој потести дека трета година по ред Владата го враќа ДДВ-то на компаниите во законскиот рок од 30 до 60 дена, што е различно од времето кога ДДВ-то им беше враќано за 240 дена.
Љубиша Николовски
Камера и фотографии: Александар Ризински
Монтажа: Ариан Мехмети
извор Frontline.mk