Пишува. ЉУБИША НИКОЛОВСКИ

Ленин Јовановски неколку дена со своите автобуси го блокира градот, поради што скопјани не можат на време ниту на работа да појдат, родителите децата на школо да ги однесат, а болните не само од Скопје туку и од другите градови, никако да стигнат до здравствените установи на закажаните термини.

Се губат дневници, следуваат казни, а скопјани како мува да не ги лази. Си возат по два саати до работа и си молчат.

Од анкетите што ги прават некои медиуми, не се гледа некоја нервоза или револт, напротив повеќето бистрат политика и фаќаат страна. Свесно или несвесно одработуваат политичка агенда на партија која е сè уште на власт во главниот град и која наместо да им го реши проблемот, стои на страната на приватните превозници, насочувајќи ја сета нервоза кон Данела Арсовска, со која се скараа.

И „товариш“ Ленин, колку и да се оградува во изјавите, се гледа за кого „вози“ со блокадите низ градот.

„Ова не е бавча на градоначалничката Арсовска, па си ја работи како сака. Таа треба да постапува законски и според одлуките на Совет на Град Скопје. Не можат граѓаните да ги критикуваат приватните превозници. Треба да го критикуваат изворот на овој проблем, а тој е кај градоначалничката“, посочува Јовановски.

Дека станува збор за политичка игра говори и фактот што од блокадите и протестите на автобуските приватни превозници никој не е засегнат, освен граѓаните.

Имено, градоначалничката против која превозниците се бунат, не е блокирана. Не е блокиран ниту ЈСП, а со тоа ниту долгот.

Блокирани се скопјани.

Освен градоначалничката, втора страна на ударот треба да се најде и Владата која се повикува да го реши проблемот, а која според некои медиуми тактизира и го зголемува револтот кај граѓаните.

„Не, напротив, нам не ни одговара револтот, овој револт е против Владата“, смета министерот за локална самоуправа и поранешен градоначалник на Скопје, Ристо Пенов, кој додава:

„Тој револт се крева за да послужи на парламентарните и претседателските избори, што значи на удар е Владата“.

Пенов во интервју за Сител вели дека проблемот со приватните превозници треба да го реши Советот на градот заедно со градоначалничката:

„ВМРО-ДПМНЕ раководи со Советот и како што пред еден месец изнајдоа решение како да го платат долгот кон ЈСП од два милиона евра и денес може советот да свика седница и да и наложи на градоначалничката од одредена ставка на буџетот да го исплати долгот. Но ВМРО-ДПМНЕ тоа не го прави.“

Со блокадите приватните превозници не само што не го добиваат долгот, туку општата штета што ја прават секој ден е многу поголема, со потрошениот бензин на граѓаните, со изгубените дневници, со казните и доцнењето на работа и штетата врз бизнисот.

На крајот на краиштата и онака градоначалничката ги исклучи од договорот и Слобода превоз и Макекспрес и тие де факто не возат веќе за градот.

Инаку за потсетување, меѓу поддржувачите на Данела за кандидат за градоначалник тогаш беше и Ленин Јовановски, сопственикот на Слобода превоз:

„Ние како приватни превозници, а не има од сите етникуми , политички партии и партиски неопределени ја поддржавме програмата за сообраќај на кандидатот за градоначалник на град Скопје Данела Арсовска“.

Сега ја обвинува за уличарско однесување.

Но сето ова се случува откако Данела обвини за рацете во медот на ВМРО-ДПМНЕ.

Мицковски веднаш и раскина по само една година заедно:

„Со Данела Арсовска тргнавме по различни патишта“, рече тој.

А се сеќавате ли како ја почнаа врската, колку убави зборови си „тепаа“ еден за друг.

„На нашата прва средба со Данела Арсовска, во неа препознав исклучително мотивиран и храбар лик, којшто е подготвен да се фати во костец со проблемите и да ги решава, изјавуваше тогаш Мицковски.

Секако, во таа интензивна политичка врска ниту Данела не му остана должна на Мицковски заблагодарувајќи му за поддршката на нејзината кандидатура за градоначалник на Скопје.

„Ме охрабрува тоа што ја препозна искрената визија и концепт за подобар живот на скопјани“ велеше Данела.

И народот се радуваше. Се пееше по улиците со „Бела чао“, а на социјалните мрежи скопјани ја величеа Данела:

„Честитки Данела, Браво Данела, Со среќа за поубаво Скопје, Ти си мајка на Скопје, Со среќа за поубаво Скопје…

Имаше и вакви: „ВМРО-ДПМНЕ како партија секогаш ги препознава работливите, чесните и совесните луѓе со современи идеи“,

или: „Познавајќи го карактерот и џентлменството на Христијан и неговите соработници оваа конекција меѓу Тебе и Христијан е новиот пат за спас на Македонија.“..

Помудрите уште тогаш реагираа: „Ако вие Данела губите, тие од ВМРО ќе речат кандидатот не беше од ВМРО туку независен. Знаат да играат опасна улога тие.“

извор Фронтлајн.мк