Предлог државниот буџет кој од денеска е на комисиска расправа во Собранието е досега најтешка и предвидува повеќе пари за плати и пензии, социјални трансфери, капитални инвестиции.
Експертите не се изненадени што буџетот е рекорден. Тоа, велат, е очекувано, посебно во период на криза и висока инфлација, за нив е проблематична доминантно социјалната компонента, но ако се земе предвид енергетската и економска криза тоа е оправдано..
Власта и опозицијата по обичај гледаат со различна диоптрија. Според едните буџетот нуди развој и фискална консолидација, другите пак критикуваат за план за расипништво кој нема да им донесе ништо добро на стопанството и граѓаните.
Вкупните приходи на Буџетот на Република Северна Македонија за 2023 година се планирани на ниво од 282,1 милијарда денари и се за 14,8 отсто повисоки во однос на 2022 година, додека расходите се планирани на ниво од 324,8 милијарди денари или за 12,6 проценти повисоки во однос на 2022 година.
Како што рече денеска министерот за финансии Фатмир Бесими, кој ги образложи предвидените проекции пред собраниската Комисија за финансирање и буџет, буџетскиот дефицит е планиран на ниво од 4,6 отсто од планираниот БДП или 42,7 милијарди денари.
Според Бесими, вкупните расходи се планирани во износ од 324,8 милијарди денари што е за 36,3 милијарди денари повеќе во однос на Буџетот за 2022 година.
Ќе се позајмнува само за инвестициски проекти
-Предложениот Буџет за 2023 година е во согласност со златното правило во јавните финансии: капиталните расходи се повисоки од буџетскиот дефицит – ќе се позајмува само за финансирање на инвестициските проекти. Реализацијата, пак, на Буџетот ќе се раководи според принципот вредност за вложените пари, при што ќе се внимава парите на граѓаните да се искористат таму каде што ќе даваат најголеми ефекти во остварување на целите за повисок квалитет на животот, подвлече министерот.
Проекциите за приходите на Буџетот за 2023 година, како што рече Бесими, се базираат на реализацијта на приходите во тековната 2022 година, очекувањата за економскиот раст и подобрувањето на ефикасноста, како и на ефективноста на системот за наплата на јавните приходи.
Вкупните даночни приходи, кои ги опфаќаат приходите по основ на данокот на добивка, данокот на личен доход, данокот на додадена вредност, акцизите, увозните давачки и другите даночни приходи и сопствените приходи на буџетските корисници, во Буџетот за 2023 година се проектирани на 162,6 милијарди денари, што е за 13,6 отсто над износот на приходи планиран со Буџетот за 2022 година. Тие учествуваат со 17,7 проценти во БДП за 2023 година, што е приближно еднакво, со учеството во претходната година.
Бесими: Јавниот долг до крајот на годинава нема да достигне 60 отсто од БДП
До крајот на годината јавниот долг нема да достигне ни 60 отсто од БДП, иако предвидувавме да биде 65,6 проценти.
-Прелиминарните проекции се дека јавниот долг до крајот на годинава ќе биде 58,5 отсто. За 2023 година, со доза на резерва, можам да кажам дека ќе биде 60,6 отсто, 62,1 процент или 60,9 отсто, додека во 2026-та и 2027 година се проектира на 58,4 или 57,8 отсто од БДП. Кога зборуваме за висината на Буџетот, се спомнува дека е историски најголем. Тоа е факт, но секоја година растеме економски. Тоа што коментираме тука, повеќе е од аспект на растот, политиките што ќе го поддржат растот и како дефицитот да не се зголеми. Мислам дека овој Прелодг-буџет тоа го овозможува, истакна Бесими.
Во врска со обвинувањата дека земјава е водечка во регионот по сиромаштија, министерот рече дека има други бројки.
-Јас имам други бројки за сиромаштијата од ЕВРОСТАТ, кои од 2015 година наваму одат надолу за нашата земја. Последните, за 2020 година, се 32,6 отсто што е помалку од Црна Гора, Албанија, Бугарија и Турција, напомена Бесими и заклучи дека земјава има стабилни јавни финансии, во рамки на дозволеното на среден рок.
Предвидено е зголемување на минималната плата и пензиите во март
Како што беше најавено овој Буџет е во насока на надминување на предизвиците од глобалната економска и енергетска криза, за што се предвидени 250 милиони евра.
Веќе во март следната година, најави пратеничката Даниела Колева, ќе имаме ново зголемување на минималната плата и ново покачување на пензиите.
-Како одговор на последиците од кризата, но и за унапредување на животниот стандард на граѓаните, се зголемуваат средствата за исплата на плати, пензии и социјални трансфери. 75 милијарди денари или 10 отсто повеќе се зголемуваат средствата за исплата на пензии, додека 12,5 милијарди денари се предвидени за исплата на надоместоци за социјална заштита на најранливите категории граѓани. Обезбедени се дополнителни средства за усогласување на платите со минималната плата во текот на следната година, согласно новата методологија“, образложи пратеничката.
Капиталните проекти се на ниво од близу 800 милиони евра, односно се за околу 52,3 проценти повисоки во однос на проекцијата за 2022 година.
Бордот на ММФ го одобри ПЛЛ, со тоа и првата транша oд 110 милиони евра
Република Северна Македонија ја добива првата транша од 110 милиони евра од вкупно одобрените од Меѓународниот монетарен фонд преку Инструментот за претпазливост и ликвидност (ПЛЛ). Средствата стануваат достапни откако Одборот на директори на ММФ ја одобри двегодишната програма на Република Северна Македонија во рамки на Инструментот за претпазливост и ликвидност.
-Политиките што ги спроведуваме овозможија пристап на земјата до овој Инструмент, што овозможува обезбедување средства по многу поповолни услови од она што е актуелно на финансиските пазари. Тоа значи обезбедени се средствата за политиките планирани со ребалансот на Буџетот до крајот на оваа година, средства за справување со шокот кој доаѓа од надвор, средства за поддршка на граѓаните и компаниите, а пред се најважно е да обезбедиме стабилност во снабдувањето со храна и енергенси, рече министерот за финансии Фатмир Бесими.
Според него, ова е потврда од Меѓународниот монетарен фонд за здравите и одржливи политики што ги носи Владата за време на изминатиот период во кој се соочуваме со криза, но и политиките кои се планирани во наредниот период, а се насочени кон забрзување на економскиот раст на среден рок.
Инаку, со донесената одлука од страна на Одборот на директори на ММФ, Република Северна Македонија добива пристап до вкупно 530 милиони евра. Од тие 110 милиони евра ќе бидат повлечени веднаш и ќе се користат до крајот на оваа календарска година, а следната транша од 155 милиони евра ќе се користи во текот на 2023 година. Останатиот дел се обезбедуваат само како превентива и резерва на земјата.
Инструментот за претпазливост и ликвидност на ММФ е наменет за земјите членки на оваа меѓународна финансиска институција кои имаат докажани здрави економски основи и спроведуваат одржливи политики. Инструментот е воведен во 2011 година.
ВМРО-ДПМНЕ со 200 амандмани
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата вчера објави дека доставиле 200 предлог амандмани на Буџетот.
Пратеникот од таа пратеничка група, Бојан Стојаноски рече дека ВМРО-ДПМНЕ ќе побара намалување на акцизите за горивата, одложување од една година на прогресивниот данок и сите измени во данокот за личен доход. Амандманите ги опфаќаат и барањата на синдикатите, односно зголемување на средствата за плати за администрацијата за 15 проценти.
С.Т/ извор: Civilmedia.mk